Besar Ademi
15 Јуни 2019•Ажурирај: 16 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во рамки на меѓународната кампања #WeAreTheLove, која во исто време организираше симболичен протест во 18 градови во знак на солидарност со сирискиот град Идлиб, во Скопје беа пуштени во небо балони за запирање на нападите врз невините цивили од овој град, јавува Anadolu Agency (AA).
Активисти на граѓанското опшество и млади луѓе се собраа во паркот „Жена борец“, пред зградата на Собранието на Северна Македонија, од каде што беа пуштени во небо илјада бели балони со напис „WeAreTheLove“.
Кординаторот на кампањата #WeAreTheLove за Скопје, Мухамед Тахири, во својот говор рече дека целта на оваа активност е широката јавност да биде запознаена со настаните што се случуваат во Идлиб.
„Денеска овде, пред Собранието, имаме за цел да ги истакнеме злосторствата што се вршат во сирискиот град Идлиб и бараме да се преземе акција за запирање на бомбардирањето на болниците, училиштата и невините цивили“, рече Тахири.
#WeAreTheLove е меѓународна неполитичка кампања која се состои од мрежа на луѓе и проекти кои работат за создавање атмосфера на мир, со култивирање односи и градење заедничка основа за да се подигне свеста за масакрот што во моментов се случува во Идлиб.
Во поддршка на оваа порака за мир, љубов и надеж, за да се преземат мерки против нападите врз невините цивили во Идлиб, се приклучија и градовите Анкара, Тирана, Сараево, Берлин, Париз, Лондон, Даблин, Брисел и други градови, вклучувајќи го и Идлиб, од каде што, исто така беа пуштени балони во небото.
- Состојбата во Идлиб
Идлиб, во кој бројот на жители достигна четири милиони поради внатрешните миграции, е под контрола на сириската опозиција од март 2015 година и интензивно е цел на постојаните напади на режимот на Башар ал Асад.
Во септември 2018 година, по состанокот во Сочи меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, Турција и Русија постигнаа договор за примирје во Идлиб и за воспоставување зона без судири за цивилите. Анкара и Москва потпишаа Меморандум за разбирање со кој се бара стабилизација на состојбата во областа на деескалација на Идлиб во која се забрануваат активностите на агресија.
Сепак, силите на режимот на Асад постојано ги прекршуваат условите за прекин на огнот со преземање чести напади во деескалираната зона.
Изворите од цивилната заштита известуваат дека само во месец мај, најмалку 231 цивил, меѓу кои и 59 деца, беа убиени, додека 659 други лица беа повредени од нападите на режимот и терористичките групи поддржани од Иран и Русија.
Сирија е заробена во граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Асад се судри со учесниците на демократските протести. Според податоците на Обединетите нации (ОН), стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.