ОХРИД (АА) - Амбасадорката на Република Турција во Република Северна Македонија, Тулин Еркал Кара, ја посети џамијата „Али-паша“ во Охрид, информирајќи се за тековните работи околу раставрацијата, која се спроведува од страна на Генералната дирекција на фондации на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката Кара, разгледувајќи ја историската џамија „Али-паша“, се информираше за објектот, по што извесен период разговараше со еснафот од чаршијата.
Кара рече дека станува збор за стара џамија која потекнува од 16 век, истакнувајќи дека реставрацијата е завршена за многу краток период.
Потсетувајќи дека Охрид претставува бисер на Северна Македонија, амбасадорката Кара рече дека џамијата е реставрирана од страна на Турција на начин кој му доликува на градот, со желба муслиманите од градот добро да ја користат џамијата и да им ја пренесат на следните генерации.
Истакнувајќи дека Турција се грижи за своето културно наследство, амбасадорката Кара додаде дека во различни земји, едно по едно се реставрираат сите големи дела останати од предците.
Турската амбасасорка рече дека се вложени интензивни напори џамијата „Али-паша“ да биде реставрирана најадекватно. „Оваа џамија сакавме да биде верна на оригиналот. За право на вистината, санирањето на овој објект беше еден сон на претседателот на Турција, Ердоган. За ова прашање на нашите пријатели им беше дадена голема поддршка. Првенствено би сакала да ја изразам нашата благодарност за тоа“, истакна Кара.
Подвлекувајќи дека Турција и Северна Македонија се пријателски и братски земји, амбасадорката Кара рече:
„Така беше низ историјата, така ќе остане и во иднина. Секогаш велиме дека правиме сѐ што е во наша моќ да не дојде до нарушување на ова пријателство, и затоа, доколку е потребно, контактираме со владините претставници, но и со граѓаните на Северна Македонија. Постои многу позитивен интерес за Турција. Јас уште од сега им се заблагодарувам на владините претставници.“
Зборувајќи за проблемите во текот на реставрацијата, амбасадорката Кара изјави: „Луѓето од проектот за реставрација споменаа за мали проблеми. Треба да се спомене дека ние, пред сѐ, при реставрацијата на ваков вид објекти многу сме внимателни тие да бидат идентични со оригиналот и затоа, пред неколку години потпишавме протокол. Реставрацијата е спроведена на многу соодветен начин според протоколот. На тој начин се елиминирани и малите проблеми. Им посакувам на сите граѓани на Охрид објектот да им биде со среќа и да го посетуваат ова прекрасно место.“
- Се очекува на отворањето да присуствува турскиот претседател Ердоган
На новинарско прашање за реакциите против изградбата на џамијата, амбасадорката Кара одговори: „И јас сум родена и израсната во странство. Таму каде што живеевме имаше голем број етнички и верски објекти, но ние покажувавме многу почит кон секој од нив. И во Турција на ист начин. Ние, како турска нација, никогаш нема да покажеме непочитување кон верските објекти на кого било и затоа постојано велиме дека по тоа прашање ќе имаме почит кон верувањето на секого и ќе продолжиме во тоа.“
Амбасадорката Кара додаде дека е информирана за проблемите и ги знае деталите по тоа прашање.
„Ние сме приморани да дејствуваме во согласност со потпишаниот протокол. Ние, всушност сме принудени да работиме според оригиналот. Кога ќе ја посетите Турција, можете да забележите дека кај нас постојат цркви во кои христијаните ги извршуваат своите верски обреди. Ние отсекогаш се однесувавме со почит кон сите вери и се надеваме дека ќе биде покажана почит и кон нашето верување. Бидете сигурни дека тука нема никакви други мотиви.“
Турската амбасадорка изрази уверување дека сите луѓе ќе го прифатат реставрираниот објект.
„Се надевам дека официјалното отворање ќе биде со посетата на претседателот на Турција, се разбира, доколку тоа е во согласност со неговата програма. Посакуваме овој убав објект да го отвориме сите заедно со сите официјални претставници на Северна Македонија, почитуваниот претседател Пендаровски, почитуваниот премиер Заев. Но засега нема конкретен датум“, додаде Кара.
- Џамијата „Али-паша“ во Охрид
Реставрацијата на џамијата „Али-паша“ во Охрид започна во мај 2017 година и е спроведена со поддршка на Генералната дирекција на фондации на Турција, канцеларијата на муфтијата на Охрид, Одборот за заштита на културното и природното наследство на Охрид и Музејот на град Охрид. Работата на реставрацијата беше запрена откако беа организирани протести од некои организации во Охрид, со тврдење дека минарето ќе биде изградено повисоко од оригиналното.
Тогашниот министер за култура на Република Северна Македонија, Роберт Алаѓозовски, во декември истата година, по средбата со директорите на културните институции во Охрид, соопшти дека реставрацијата на петвековната џамија е запрена по реакцијата од страна на организациите во Охрид. Во рамките на процесот на оваа тема, Министерството за култура формираше работна група чии резултати се предадени на преглед на УНЕСКО.
Откако процесот на реставрација мина низ одредени фази, таа продолжи без проблеми.
Минарето на џамијата изградено во 16 век од печени тули и од камења, урнато е во перидот од 1912 до 1918 година и никогаш повторно не е изградено.