Ekip
26 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
СКОПЈЕ/ПРИШТИНА (АА) -Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија Реис ул улема Сулејман еф. Реџепи, и поглаварот на Исламската верска заедница од Косово упатија порака до верниците од исламска вероисповест по повод почетокот на светиот месец Рамазан, пренесува Anadolu Agency (AA).
„O верници! Пропишан ви е постот како што им беше пропишан и на оние пред вас, за да бидете богобојазливи. (Ел Бекаре - 183). Драги и почитувани верници, Месецот Рамазан е посебен месец, месец што Алах џ.ш. го издвоил. Го издвоил и го обележал со многу свети и важни случувања, со збиднувања што овозможиле човештвото да биде просветлено, да го доживее вистинскиот мир и благосостојбата, да ја почувствува среќата, да ја постигне милоста и задоволството на нашиот Творец. Без сомнение, тоа задоволство ќе биде достигнато кога пред Семоќниот Алах ќе бидеме искрени во однос на неговите заповеди, сакани и добри во односот кон неговите суштества, хумани кон сиромашните и немоќните, кон несреќните деца што растат без родители“, се вели во пораката на Реџепи, во која меѓу другото посакува месецот на постот да биде исполнет со среќа и да донесе бериќет.
„Со сета душа го молам Алах џ.ш. овој месец да го дочекаме духовно што поподготвени, исполнети со верба и со волја за извршување на нашите ибадети и верски должности. Нека ви е среќен и бериќетен светиот месец Рамазан, да ви биде исполнет секој ден со среќа, со пост и ибадети, убавините и задоволството на Рамазан нека ве следат низ целиот ваш живот“, вели поглаварот на ИВЗ, Реџепи, во пораката по повод почетокот на месецот Рамазан.
Претседателот на Исламска Заедница на Косово, Наим Трнава, во неговата порака нагласува дека „постот за верниците е обожување што подразбира посветеност, одлучност, доверба, мудрост, побожност, искреност, љубов, жртвување, заедништво, толеранција и разбирање, вредности кои што го баланцираат човекот, го воздигнуваат општеството и влијаат на одразот на божественото, човечковот и хуманото".
Потсетувајќи дека оваа година во време на Рамазан во Косово се одвива важен процес, односно парламентарните избори кои ќе се одржат на 11 јуни, Трнава посака овој месец на милоста учесниците во изборната кампања да водат достоинствена и одговорна кампања.
Исто така, пораки до верниците од исламска вериоисповест по повод месец Рамазан упатија и поглаварите на исламските верски заедници на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои посакаа мир, здравје, благосостојба и љубов. Месецот на постот започнува утре и ќе трае до 24 јуни.