Nazmi Abduramani
12 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Исламската верска заедница на Република Македонија, денеска во чест на муслиманскиот празник Курбан Бајрам се одржа веќе традиционалната манифестација „Бајрамска баклава", јавува Anadolu Agency (AA).
На манифестацијата беа присутни претставници на државниот врв, предводен од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, премиерот Емил Димитриев, претставници на политичките партии во земјата, од власта и од опозицијата, претставници на дипломатскиот кор, академици и други личности од јавниот живот.
По овој повод, претседателот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, заблагодарувајќи се за срдечните честитки за празникот Курбан Бајрам рече:
„Добро е да славиме заедно, да проследиме најсрдечни честитки и да сведочиме дека почитувањето на празничните традиции на културните диверзитети само ја зголемуваат благосостојбата и нашиот соживот“.
Реџепи меѓу другото додаде дека ваквиот начин на празнување му дава значење на соживотот и на меѓусебното зближување.
По говорот на претседателот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, присутните гости ја дегустираа баклавата.