Besar Ademi
26 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод месецот на постот, Рамазан, во џамиите во Скопје и другите градови во земјава, започна да се одржува мукабеле, читање на Куранот. Една од џамиите каде што се извршува мукабеле е џамијата „Дуќанџик“ во Скопје, каде што деветмина хафизи читаат Куран, додека голем број муслимански верници кои живеат во областа го следат мукабелето, јавува Anadolu Agency (AA)
Џамијата „Дуќанџик“ со години ја чува традицијата на мукабеле, а и оваа година, со доаѓањето на месецот на постот Рамазан ќе ја продолжи истата традиција. Оваа џамија е една од централните џамии во Скопје, и во текот на месецот на постот Рамазан ќе се одвива мукабеле пред секоја пладневна молитва, од страна на имамот на џамијата, заедно со други деветмина хафизи (лица кои Куранот го знаат на памет). Мукабелето во оваа џамија започна денеска, а ќе заврши ден пред празникот Фитр Бајрам.
Читањето на Куранот во текот на месецот на постот Рамазан потсетува на објавата на Куранот како света книга на муслиманите, како и на периодот кога пратеникот Мухамед го читаше Куранот во присуство на мелекот Џебраил. Традицијата за читање и практикување на Куранот остана до денешно време, кога во текот на месецот на постот Рамазан во сите џамии се чита оваа света книга, традиција која се нарекува мукабеле.
Инаку, лексичкото значење на зборот мукабеле е „меѓусебно читање“. Како во сите земји од исламскиот свет, така и во Скопје се следи и се практикува од страна на голем број муслимански верници. Мукабелето обично го читаат хафизи или имами на џамии, а се следи и од страна на верниците кои седнуваат пред лицето што чита Куран, го следат и го проверуваат читањето.