Ivana Ramadanova
26 Мај 2017•Ажурирај: 28 Мај 2017
СКОПЈЕ - Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги денес во Скопје организира презентација на „Евалуацијата на програмите за третман и грижа на лица кои употребуваат дрога во Република Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Лилјана Игњатова, претседател на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги, зависниците и натаму се соочуваат со стигматизација и извесна дискриминација, имаат проблем со наоѓањето работа и, воопшто, со реинтеграција во заедницата.
„Резултатите од истражувањата покажуваат дека бројката на таканаречените проблематични зависници е намалена во споредба со истражувањата од 2010 година, кога биле регистрирани околу 10 илјади зависници. Она што како информација можеме да го дадеме, е дека во државата има околу осум илјади проблематични зависници од дрога, а близу една четвртина од нив се вклучени во програмите за третман и грижа“, истакна Игњатова.
На презентацијата организирана од страна на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги, присуствуваше и Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации во Македонија.
„Особено ми е драго што Република Македонија е првата земја во регионот што направи вакво истражување, коешто е според меѓународните стандарди за третман на лицата зависници од дрога. Ова е само една од иницијативите за третман на лицата зависни од дроги и јас искрено се надевам на продуктивна соработка и во многу други области“, истакна Витон.
Истражувањето е спроведено со поддршка од програмата на УНОДЦ-СЗО третман и грижа на зависност од дрога. Во истражувањето беа вклучени сите засегнати страни (владини институции, граѓанскиот сектор, приватни здравствени организации и корисници на програмите).