Admir Fazlagic
26 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР) соопшти дека денеска ја повикало на разговор амбасадорката на Република Србија во Република Македонија Душанка Дивјак-Томиќ поради забележаното присуство на Горан Живаљевиќ, советник во Амбасадата на Република Србија во Република Македoнија како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На средбата беше изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Република Србија во Република Македонија во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април о.г., и беше побарано детално појаснување на причините и околностите за истото", се вели во соопштението на МНР.
Како што соопштуваат од МНР, притоа било укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат.
„Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право", пишува во соопштението.
Меѓу другото, на средбата биле потврдени заложбите за развивање и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, Република Македонија и Република Србија.
„Од страна на соговорникот, со потврдување на заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете соседни држави, беа искажани ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ", информираат од МНР.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстранти предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои се собраа пред зградата на парламентот, насилно влегоа внатре, каде што како резултат на нивното насилство беа повредени 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.