Балкан

Португалија обезбеди траен престој за 7 граѓани на Авганистан што престојуваа во Северна Македонија

„Северна Македонија во моментов дава прибежиште на 400 граѓани од Авганистан“

Furkan Abdula  | 26.10.2021 - Обновена : 27.10.2021
Португалија обезбеди траен престој за 7 граѓани на Авганистан што престојуваа во Северна Македонија Фото: Влада на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија информираше дека група од 7 граѓани на Авганистан, од кои три деца, кои привремено престојуваа во земјата, изутрината од Меѓународниот аеродром „Скопје“ преку Истанбул заминаа за Португалија, како нивно трајно одредиште, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението на Владата се вели дека станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период Северна Македонија им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош на населението во Авганистан кое, како што се наведува во соопштението, е под закана од новата талибанска власт во земјата.

„Северна Македонија во моментов дава прибежиште на 400 граѓани од Авганистан“, се додава во соопштението.

„Тие овде ја добиваат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците за престојот се покриени од меѓународните организации“, се наведува од Владата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.