Ihvan Radoykov
02 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
СОФИЈА (АА) - Поради зголемената нерегуларна миграција во Бугарија, министерот за внатрешни работи, Иван Дерменџиев и министерот за одбрана, Димитар Стојанов, ги разгледаа безбедносните мерки на турската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дерменџиев и Стојанов дадоа изјава за медиумите во граничниот премин Лесово.
„Објавивме војна на илегалната миграција, нашите мерки почнаа да даваат резултати“, рече министерот Дерменџиев, и додаде:
„Ќе ги реновираме патиштата во близина на оградите. Покрај кадровското засилување, со дронови и друга опрема преземаме мерки на претпазливост против нелегалните премини. Илегалната миграција, која порано беше во просек по 1.000 луѓе дневно, сега е намалена на 500 луѓе.“
Посочувајќи дека очекуваат турската страна да ја зголеми помошта и да заземе посериозен пристап кон овој проблем, Дерменџиев нагласи: „На денешните средби ќе бараме турските власти да преземат построги мерки на заедничката граница. Таму се собира огромна толпа мигранти и тие ја отежнуваат работата на нашите гранични полицајци и војници.“
Дерменџиев, исто така, нагласи дека мигрантите со помош на скали успеваат да ја прескокнат оградата во преполни групи за неколку минути.
Министерот за одбрана, Стојанов, пак, рече: „Од следната недела во пограничниот регион го зголемуваме воениот персонал против илегалната миграција, од 350 на 500 луѓе.“
Наведувајќи дека на кадровското засилување ќе додадат и воени полицајци кои ќе имаат „овластување за приведување“, Стојанов додаде дека во пограничниот регион ќе бидат испратени уште 60 воени возила, а за оградите ќе се грижат специјални екипи.