Zülfiya Yakup
08 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Мандатарот за премиер на новата Влада на Косово, Рамуш Харадинај, ги повика младите да не заминуваат од Косово, со ветување дека Владата ќе работи на подобрување на ситуацијата во земјата, јавува Anadolu Agency (АА).
Харадинај го упати овој повик при посетата на Канцеларијата за млади Европјани на Косово, каде што потпиша изјава дека ќе се ангажира на зајакнување на младите лица, овозможувајќи безрезервна поддршка за придружување кон релевантните меѓународни организации за млади, како и ангажман за економски развој и развој на развојните програми за нови работни места за новата генерација.
Идниот премиер на Косово, кој вчера и официјално доби мандат за премиер од претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека сѐ уште нема целосна листа со имињата на министрите од страна на коалициските партнери.
„Традиција е, јас така правев во 2004 година, кога се свикува седница да се предаде и програма. Меѓутоа, владината програма ќе биде објавена подоцна, но ќе ги претставам целите и кабинетот. Сѐ уште ги немам сите имиња“, изјави Харадинај.
Идниот косовски премиер даде коментар за повторно забележаната навала на автобуската станица во Приштина, во последните денови, и можниот почеток на повторно масовно заминување на младите од земјата, при што апелираше до младите да си ја вратат надежта во земјата, бидејќи само таму нивните животи вредат најмногу.
„Ветувањето е јавно, ветување дека владата ќе се мобилизира за решението за живот, решението што нашите млади одат да го бараат во други земји, ќе се создаде тука. Ќе бидеме отворени за нив, ќе ги посетиме таму, ќе комуницираме и ќе ги повикам заеднички да разговараме за создавање на решение во земјата“, изјави Харадинај.