Senada Ibraimova
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа настан на кој беа сублимирани позитивните резултати од првиот национален натпревар „Мајкрософт офис специјалист“, во организација на Сертиадриа. Победникот од овој натпревар, Марко Марковиќ, ја претставуваше Македонија на светското финале на „Мајкрософт офис специјалист“, кој се одржа во Орландо, САД, при што го освои деветтото место, јавува Anadolu Agency (AA).
Седумнаесетгодишниот Марко Марковиќ, македонски претставник на светскиот шампионат во Мајкрософт офис којшто се одржа во Орландо – Флорида, оствари голем успех со тоа што го освои 9. место во Мајкрософт пауерпоинт 2013. На овој натпревар учествуваа 120 ученици од различни држави. Претходно, Марко беше убедлив победник на националниот натпревар „Мајкрософт офис специјалист“, кој се одвиваше во И-банк сторе на Стопанска банка, на 28.5.2016, во организација на Сертиадриа. На натпреварот учествуваа 40 ученици од над 1.000 кандидати пријавени преку платформата Сертиадриа тестинг.
На денешниот настан, тој во својата изјава за медиумите рече дека на натпреварот во Орландо, од учесниците се барало да го покажат знаењето за програмата МС пауерпоинт 2013, а биле оценувани според точноста и брзината на нивните одговори на претходно зададените задачи.
Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која учествуваше на овој настан, во својата изјава му честита на Марковиќ за освоеното место, и нагласи дека Македонија дава голем придонес во развојот на младите информатичари. Таа, исто така, додаде оти информатиката е најнаградуваната научна дисциплина во нашата држава.
„Иднината ни е сериозно перспективна, заради тоа што овие млади луѓе се водечката сила, практично на напредокот на нашата држава“, истакна таа.
Валентина Тасева, која е еден од основачите на компанијата „Сертиадриа“ и поддржувач и идеен творец на натпреварот, во својата изјава истакна дека дигиталната писменост, односно знаењето на МС програмите е важно за вработувањето на младите во бизнис секторот. Според неа, иако младите се раѓаат во дигитална ера и лесно ја користат информатичката технологија во своето секојдневие, од аспект на бизнис, тие не се доволно запознаени со програмите како што се Мајкрософт ворд, Ексел и Пауерпоинт.
„Нашата цел беше, пред сѐ, во Македонија да го подигнеме нивото на дигитална писменост, потоа да го потврдиме тоа знаење со положување официјален испит, којшто е глобално признаен, и секое од децата што ќе го положи испитот се здобива со интернационално признаен сертификат за дигитална писменост“, рече Тасева.
Според неа, овој сертификат одговара на прашањето на идните работодавачи дека нивните вработени знаат да ги користат овие програми.
Мајкрософт Македонија и „Сертиадриа“ оваа година за првпат го организираа националниот натпревар „Мајкрософт офис специјалист“, во кој натпреварувачите имаа можност да ги покажат своите вештини во познавање на апликациите на Мајкрософт офис. Истиот натпревар ќе се одржи и следната година.
Светскиот натпревар „Мајкрософт офис специјалист“, организиран од „Сертипоинт инц.“, претставува глобален натпревар што ги тестира вештините на учесниците во Мајкрософт ворд, Ексел и Пауерпоинт од МС офис 2010 или МС офис 2013.