Zülfiya Yakup
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
ПРИШТИНА (АА) - И покрај студеното време, неколку илјади граѓани учествуваа во денешниот протестен марш во Приштина по повод апсењето на Рамуш Харадијан во Франција по потерница на Србија од 2004 година. Маршот го организираше партијата на Харадинај, Алијанса за иднината на Косово (ААК), со поддршка на Организацијата на ветерани на војната на Ослободувачката војска на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Маршот се одржа под мотото „Рамуш Харадинај е Косово“, на потегот од Палатата на младите до амбасадата на Франција во приштинската населба Драгодан и назад.
Потпретседателот на ААК, Ардијан Ѓини изјави дека апсењето на лидерот на неговата партија, Рамуш Харадинај, е неправедно и дека тој сите обвиненија за воени злосторства за кои го товари Србија ги завршил во Хашкиот суд. Ѓини истакна дека семејството на Харадинај ги поставило темелите за слобода и независност на Косово, и порача дека тоа треба да се чува.
„Франција е пријателска земја, ова не е правда. Не е правда да го држите Рамуш Харадинај под обвинение на Србија. Не е праведно да се држи човекот што ги постави темелите на нашата слобода“, порача Ѓини.
Ѓини додава дека Владата на Косово се грижи за вредностите на граѓаните и вредностите на слободата и независноста, и истакна дека понижувањата што Србија му ги прави на Косово мора да се спречат.
„Тоа е Србија којашто ги убиваше децата, палеше куќи, убиваше старци и старици, која го понижуваше нашиот народ. Не одевме ние во Србија, ни Рамуш Харадинај не одеше во Србија да врши злосторства. Кога ги правеа злосторствата во Косово, тука беа српската полиција и војска. Тие ги вршеа злосторствата, не нашата војска“, изјави Ѓини.
Организаторите на маршот на претставниците во француската амбасада им предадоа писмо со барање до француските официјални судски власти да не се одолговлекува судската процедура и да се ослободи Харадинај.
Од ААК се соопштува и дека пратеничката група на таа опозициска партија, по повод ситуацијата околу апсењето на Харадинај започнала иницијатива за одржување вонредна седница на Собранието на Косово, за што веќе собра доволен број потписи од пратениците. ААК бара Рамуш Харадинај да биде вратен во земјата и да се прекине дијалогот со Србија.
Во меѓувреме, од Франција се огласи Харадинај со текст на својот Фејсбук профил. Тој наведе дека е за жалење тоа што некои држави сѐ уште ја почитуваат одлуката на режимот на Слободан Милошевиќ, додека многу други, како што се Германија и Австрија, повеќе не ги спроведуваат тие потерници. Тој порача дека патот на Косово не може никој да го спречи.
Врз основа на вчерашната одлука на Апелациониот суд на Франција, Рамуш Харадинај останува во притвор додека Србија не упати официјално барање за неговото испорачување. Харадинај во средата беше задржан на аеродромот во Базел, од страна на француската полиција, по потерница на Србија од 2004 година. Тој како поранешен командант на Ослободувачката војска на Косово се товари за воено злосторство врз цивилите за време на судирите во Косово.