Zülfiya Yakup
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Алијансата за иднина на Косово (ААК) денес побара од Владата на Косово да ги прекине сите разговори со Србија поради апсењето на Харадинај по српска потерница. Лидерот на опозициската партија ААК и поранешен косовски премиер, Рамуш Харадинај, кој вчера беше задржан од страна на полицијата на аеродромот во Базел, денес би требало да излезе пред суд, јавува Anadolu Agency (AA).
Харадинај е задржан врз основа на меѓународната потерница што Србија ја издаде во 2004 година, за обвинението за воени злосторства врз цивилите за време на судирите во Косово.
Потпретседателите на Алијансата за иднина на Косово, Ардиан Ѓини и Ахмет Исуфи, на вонредната прес-конференција потсетија дека Харадинај и пред две и пол години во Словенија бил задржан под истото обвинение.
„И на косовската јавност и пошироко, сега им е јасно дека Србија ги користи сите механизми за да изврши притисок на Косово, да го понижи Косово и да го стави во неодржлива позиција“, изјави Ѓини.
Тој ги пренесе и барањата на неговата партија по повод овој случај.
„Бараме од Владата на Косово веднаш да ги прекине разговорите со Владата на Србија и да не ги продолжува сѐ додека не бидат повлечени потерниците за политичките лидери на Косово. Исто така, додека тоа не се случи, бараме од Владата на Косово реципрочно да не им дозволи на српските официјални лица да влезат во Косово, изјави Ѓини.
Потпретседателот на ААК од француските власти побара да сфатат дека оваа потерница што ја издаде Србија нема врска со правдата и дека тоа е политчки налог за апсење, со цел да се оштети Косово и да се уништи имиџот на земјата.
„Се очекува во текот на денот г. Харадинај да влезе во легитимна процедура во Франција и исто така се надеваме дека ова ќе биде завршено колку што е можно побрзо“, истакна Ѓини.
Запрашан од новинарите дали треба да го забрани доаѓањето на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, на Бадник во Косово, што е најавено за утре, Ѓини одговори дека тоа би било најмалку што Владата може да го стори во вакви околности.