Admir Fazlagic
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Република Естонија Свен Миксер (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), денес министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров учествуваше на Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ (GYMNICH), кој се одржа во Талин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, дискусиите на состанокот биле фокусирани на спречувањето и борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам, како заеднички безбедносни предизвици за земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.
Министерот Димитров подвлече дека Република Македонија и земјите од регионот ги споделуваат истите заеднички предизвици со ЕУ во однос на радикализацијата, насилниот екстремизам и тероризмот.
„Интеграцијата на нашиот регион во ЕУ е исклучително важна за безбедноста на Европа. Насилниот екстремизам, радикализам и тероризам не познава граници. Затоа, нашиот заеднички одговор мора да биде единствен и целосно координиран”, истакна министерот Димитров, информираат од МНР.
Министерот Димитров, се вели во соопштението, ја подвлекол важната улога на Македонија за стабилноста на регионот, која преку глобалната коалиција во борбата против тероризмот и споделувањето на одговорностите со земјите-членки на НАТО и ЕУ придонесува во глобалниот мир и стабилност.
На маргините на состанокот на GYMNICH, шефот на македонската дипломатија Димитров остварил билатерална средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на која го запознал еврокомесарот за досега постигнатото во првите 100 дена од Владата на Република Македонија, кој пак, како што стои во соопштението, го поздравил напредокот и даде поддршка на процесот, како и на европските чекори и добрососедството на новата надворешна политика.
Исто така, на покана на заменик министерот на Естонија надлежен за ЕУ прашања, Мати Масикас, министерот Димитров учествуваше и на работниот ручек со земјите-кандидати, на кој се дискутираше за политиката на ЕУ за проширувањето и статусот на реформи во земјите кандидати.
Министерот Димитров изразил благодарност на Естонското претседателство за поддршката кон политиката на ЕУ за проширувањето, додавајќи дека оваа политика на Унијата треба да се смета како комплементарно средство на нејзината безбедносна политика и ја реафирмира заложбата на Македонија за постигнување на суштински напредок во имплементацијата на реформите, со цел отворање на патот кон отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.