Admir Fazlagic
18 Јуни 2017•Ажурирај: 18 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу, вечерва пристигна на аеродромот Александар Велики во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу ќе престојува во работна посета на Република Македонија, во рамките на која утре ќе се состане со македонскиот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров. Од Министерството за надворешни работи на Македонија соопштија дека се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи, како и за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, со акцент на натамошно продлабочување на економската соработка.
„Министрите ќе разговараат и за актуелните теми во Регионот и пошироко, како и соработкатата на меѓународен план", велат од министерството.
Исто така, во рамките на посетата, предвидено е министерот Чавушоглу да биде примен од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Министрите Чавушоглу и Димитров ќе присуствуваат и на ифтар вечерата, која во организација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), под покровителство на Амбасадата на Република Турција во Скопје ќе биде приредена во чест на шефот на турската дипломатија. Исто така, предвидено е на ифтарот да присуствуваат и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.