Meltem Bulur
22 Јуни 2016•Ажурирај: 23 Јуни 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека „Хамас не може да биде услов за нормализација на односите со Израел”, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу престојува во посета на Турската Република Северен Кипар, каде што по остварените средби со својот колега, Ертугрулоглу Тахин, и средбите на делегациите одржаа прес-конференција.
Потсетувајќи се во врска со темата за нормализирање на односите помеѓу Турција и Израел, Чавушоглу истакна дека за продолжување на средбите, потребно е да се исполнат двете барања на Турција.
Од тоа ќе зависи и понатамошниот тек на разговорите, изјави Чавушоглу.
„Ние во нашите барања сме крајно децидни. Откако бараните услови ќе бидат исполнети, односите ќе се нормализираат, амбасадорот ќе го испратиме назад и ќе ги направиме потребните чекори. Потребно е да се отстранат ембаргата врз Газа. Палестинците таму живеат во исклучително тешки услови. Потребно е да се овозможи непречен дотур на хуманитарна помош и помош за развој на Газа и Палестина. На средбите сето ова детално го разгледуваме. Дали на првата престојна средба, ќе се договориме или не, се разбира зависи од чекорите кои ќе ги направи Израел“.
Чавушоглу истакна дека Израел го прифаќа фактот дека нема траен мир без постоење на Хамас.
„Сметам дека не постои проблем поврзан со Хамас. Уште од самиот почеток нашите односи со Хамас не се тајна. Израел го прифаќа фактот дека нема траен мир, без постоење на Хамас. Затоа, во иднина ќе продолжиме да контактираме со Хамас, доколку тоа помогне во одржување на единството и заедништвото на Палестина и Ел-Фатих и потребата за одржување на мирот на Средниот Исток. Земјите кои реагираа при првите контакти, разбраа што е нашата цел, како што тоа го разбра и Израел. Затоа, Хамас не е и не може да биде услов за нормализација на односите со Израел“, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.