Zlatan Kapiç
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
ПОТОЧАРИ (АА) - Пред 21 година во Сребреница е убиено човековото достоинство, а преживеаната болка може само да се види во срцата на мајките, во очите на татковците што ги загубиле своите најмили, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на денешната комеморација во Поточари, на жртвите на геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу потсети дека за време на вршење на функцијата претседавач со Парламентарното собрание на Советот на Европа, работел истражување и подготвил извештај за случувањата во Сребреница, „но тоа не може да се изрази со податоци и цифри. Таа болка може да се види во срцата на мајките, во очите на татковците што ги загубиле своите деца”.
„Секој конфликт кој се случуваше на просторот на Балканот беше воедно и болка која ние ја чуствувавме во нашите срца, бидејќи ако не е мирна Босна, не е мирна ниту Турција, затоа што Турција не може да спие мирно додека Босна плаче. Секоја болка која ја носат Босна, Дрина, Уна и Неретва, ја чувствува и Турција”, изјави Чавушоглу.
По повод 21-та годишнина од геноцидот во Сребреница, кој ќе остане запаметен како црна дамка во историјата на човештвото, министерот за надворешни работи Чавушоглу уште еднаш изрази сочуство на семејствата на жртвите и пренесе поздрави од претседателот и премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и Бинали Јилдирим.
„Пред 21 година во Сребреница тешко е ранета човековата чест. Овој геноцид е темна дамка на историјата на човештвото, на историјата на Европа и светот. Сребреничката болка и денес ја чувствуваме во нашите срца. Од нашето сеќавање не излегуваат зборовите на босанското дете: ,Мајко, дали војниците малите деца ги убиваат со мали куршуми?' Никогаш да не се повтори таа болка, нема да ја заборавиме Сребреница, и нема да дозволиме да биде заборавена. Оние кои ги убивале недолжните луѓе, не гледајќи дали тоа се деца, жени, момчиња или старци, ги препуштам на совеста на човештвото. Ги проколнувам во име на земјата и народот, а на блиските на жртвите им изразувам длабоко сочуство”, изјави Чавушоглу.
Потсетувајќи дека денес ќе бидат закопани уште 127 жртви од геноцидот, Чавушоглу изјави: „тие според нашето верување се жители на Рајот, маченици”.
„Стабилноста на Босна и Херцеговина е стабилност на Балканот, а стабилноста на Балканот е клуч за стабилноста на мирот и благосостојбата на Европа. Во наредниот период мораме да посветиме поголемо внимание во развојот на регионот, а како Турција работиме на поддршката на развојот на БиХ. Турција ќе биде секогаш со вас. Верувам дека Сребреница ќе блесне со сребрен сјај, како што зборува и нејзиното име” , изјави Чавушоглу.