Admir Fazlagic
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на независноста - 8. септември, владина делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата која беше предводена од премиерот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ја сочинуваа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пратеници, како и бројни лица од политичкиот и општествениот живот на Македонија, меѓу кои и странски амбасадори акредитирани во земјава.
Централната прослава по повод Денот на независноста се одржа вчера пред платото на Владата на Република Македонија под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“. Домаќин на прославата беше Владата, а на присутните им се обрати премиерот Зоран Заев.
Република Македонија денеска одбележува 26 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се оддржа на 8 септември 1991 година, а на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.
По 26 години независност на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО остануваат стратешка цел на државата, за кои властите прават напори да ги исполнат потребните реформски приоритети. Исто така, според официјалните определби на актуелните власти, подигање на квалитетот на животот на граѓаните и градење институции во служба на граѓаните се главните определби на државата.