Besar Ademi
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Според најновиот Годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација, кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор, во Македонија се вработени 129.653 лица во 1.291 институции од јавниот сектор. Како што е наведено во извештајот, во споредба со 2015 година, бројот на вработени е намален или останал ист во 780 институции, а во 511 институции бројот на вработените е зголемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Од вкупниот број вработени за 2016 година, 82.900 се Македонци (75,15%), 21.279 Албанци (19,29%), 1.781 Турци (1,61%), 1.272 Срби (1,15%), 1.215 Роми (1,10%), 479 Бошњаци (0,43%), 478 Власи (0,43%), а 907 лица (0,82%) од други заедници или недекларирани.
Во споредба со 2015 година, кога во годишниот извештај беа регистрирани 128.347 вработени во јавниот сектор, во 2016 година се евидентирани 1.306 повеќе вработени.
Податоците од извештајот беа претставени во Клубот на пратениците во Скопје, од страна на министерката за информатичко општество и администрација на Република Македонија, Марта Арсовска Томовска.
Таа истакна дека целта на извештајот е да обезбеди податоци во едно место за институциите, но исто така и за државата, што според неа, во иднина ќе се користат за планирање на човечките ресурси, како и за подготовка на стратегија за нова реформа на јавната администрација во периодот 2017-2022.
„Станува збор за зголемување на бројот на вработените во здравството, образованието и во социјалниот сектор. Од друга страна, намалување на бројот на вработените во органите на државната администрација“, рече министерката Арсовска-Томовска.
Инаку, 40 отсто од вработените за 2016 година се на централно ниво, а 60 отсто на локално ниво. Во 2015 година фунционираа 1.288 институции. Во 2016 година беа отворени десет нови институции, а седум беа затворени.