Hajer M'tırı
10 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Француските јавни служби денес ќе функционираат со големо нарушување во работењето бидејќи милиони работници штрајкуваат во знак на протест поради владините реформи за труд, како и поради планираното намалување на бројот на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 5,4 милиони вработени во јавниот сектор ќе излезат на протест, на 130 собири и настани во 90 француски депртмани. Ова е четврта голема акција на синдикатите откако францускиот претседател Емануел Макрон дојде на власт во мај.
Штрајкот беше свикан од деветте најголеми синдикати на земјата, вклучувајќи ги и синдикатите CFDT, CGT, FO и Unsa, за да се изрази протест против реформите за труд генерално, а особено против плановите за замрзнување на платите, воведување построги правила за боледување и намалување на 120.000 работни места во јавниот сектор до 2022 година.
Властите на француската цивилна авијација ги повикаа авионските компании да откажат 30 отсто од летовите, а линиите на трамваите, автобусите и на подземните железници се очекува да бидат погодени до утре изутрина.
За првпат од 2009 година, на протестот присуствуваа и полициски службеници, професори и медицински персонал.
Општите железнички услуги не се засегнати.
И покрај денешниот протест, по одржаниот заеднички состанок доцна синоќа, најголемите синдикати на земјата не успеаја да постигнат согласност за заедничка стратегија за соочување со реформите на владата.
Вероник Декак, заменик-генерален секретар на CFDT, рече дека синдикатите планираат повторно да се состанат на 24 октомври. CGT, поврзана со Комунистичката партија, повика на уште еден ден мобилизација на 19 октомври.
Макрон, кој денес во Германија се состана со канцеларката Ангела Меркел, минатиот месец потпиша пет декрети во коишто спаѓаат контроверзните реформи. Се очекува тие да стапат на сила од 1 јануари наредната година, откако другите декрети ќе бидат потпишани пред крајот на 2017 година.
За францускиот лидер и премиер Едуард Филип, реформите имаат за цел да го модернизираат Законот за работни односи од 3.500 страници.
Сепак, Филип Мартинез, шеф на CGT, реформите ги нарече „социјален државен удар“.