Ruslan Rehimov
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
БАКУ (АА) – Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, албанскиот претседател Бујар Нишани, претседателот на Грузија, Гиорги Маргвелашвили, како и претседателот на Летонија, Раимондс Вејонис учествуваат на 5. Глобален форум, кој се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Македонија, Иванов, во својот говор истакна дека институциите како Обединетите нации (ОН), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, кои се формирани по Втората светска војна од страна на победниците на војната, ја губат својата ефективност и дека овие институции се заглавени во 20. век.
Иванов го насочи вниманието кон проблемот со невработеноста во Европа. Тој истакна дека Европската Унија (ЕУ) треба да ја поврати својата сила.
Од друга страна, претседателот на Црна Гора, Вујановиќ, укажа на проблемот со тероризмот во светот, и нагласи дека жртви се невини лица.
Претседателот Вујановиќ истакна дека исто така гладот и сиромаштијата се проблем за човештвото. Тој нагласи дека со цел да се решат проблемите, светските сили треба да соработуваат преку дијалог и толеранција.
Исто така, Вујановиќ истакна дека подобро ќе се развијат меѓународните односи што се темелат на човечките вредности и на независноста на државите, и дека ако моќта и интересите правилно се користат, тогаш ќе се обезбеди мир.
„Нашата соседна држава, Русија, која поседува нуклеарно оружје, во 2008 година окупираше еден дел од нашата земја. Пред ова, во 90-тите години Русија предизвикаше немир во Грузија. Иако Грузија е земја што придонесува за меѓународната стабилност, таа самата страдаше во врска со ова прашање. Многу институции премолчија кога Грузија беше окупирана. Потоа Русија го окупираше Крим. Сега Украина се соочува со истиот проблем. Треба да ги осудиме ваквите политики што моќните држави ги водат врз немоќните соседни земји“, истакна претседателот на Грузија, Маргвелашвили, укажувајќи на проблемите на неговата држава со Русија.
Претседателот на Латвија, Вејонис, истакна дека сите проблеми во регионот треба да се решат мирно, и рече: „Треба да се потрудиме да се решат проблемите на Грузија и Украина, исто како и проблемите Нагорно-Карабах и Приднестровие“.
На овој форум, кој ќе продолжи со сесии на различни теми, учествуваат многубројни државни службеници од 53 различни земји.