Senada Ibraimova
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во соработка со Европската комисија започна дводневна работилница за процена на ризикот на корупцијата во јавните институции, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на работилницата е размена на позитивни искуства и добри практики за градење на институционалниот и личниот интегритет на јавниот сектор, како и планирање ефикасни решенија и механизми за намалување и спречување на ризиците од корупција.
Претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Раномир Левичек, смета дека корупцијата претставува предизвик со кој се соочуваат речиси сите држави и затоа, според него, ЕУ бара од државите-кандидатки да развијат кредибилно следење на превенцијата и да се справат со корупцијата, што ќе докаже дека антикорупциската политика се спроведува проактивно и покажува видливи резултати.
„За да се постигне ова, неопходно е да се преземат правни, институционални и практични мерки што ќе гарантираат соработка не само меѓу релевантните, правните и судските власти, туку и вклучување на медиумите, правните сектори и на граѓаните“, изјави Левичек.
Тој додаде дека доколку соодветно се спроведат системите за процена на ризикот, тие можат да дадат позитивни резултати за превенција, откривање и неутрализирање на практиките на корупцијата.
Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, пак, рече дека во Македонија е воспоставена и започнала да се применува општата методологија за управување со ризиците, што според него, може да биде добра основа за управување со ризиците од корупција.
„Во следниве неколку недели, ние ќе објавиме и еден систем за електронско учење, каде што јавните институции ќе можат да се запознаат со ризиците од корупција. При ова електронско учење, ќе може и да се сертифицираат во тоа дека поминале еден курс за спречување на корупцијата“, изјави Тантуровски.
Претседателот на ДКСК пренесе дека е речиси и невозможно да се спречи корупцијата, но според него, едукацијата е најважниот чекор што треба да се преземе во превенцијата од корупција. Тој рече дека соработуваат со основните и со средните училишта, а оти наскоро ќе потпишат меморандум за соработка и со државните универзитети, со цел студентите да бидат едуцирани за тоа што значи корупција и кои се можните ризици од корупција.
Работилницата ќе се одвива во текот на денешниот и утрешниот ден, а проектот е поддржан од страна на Европската комисија.