Admir Fazlagic
15 Октомври 2017•Ажурирај: 16 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во 19 часот денеска се затворени гласачките места ширум Македонија за локалните избори на кои граѓаните ќе избираат локална власт за наредните 4 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Државната изборна комисија на Република Македонија (ДИК) соопшти дека излезноста на гласањето до 17 часот на територија на Република Македонија изнесува 49,14 проценти. На територија на Град Скопје излезноста е 50,58 проценти.
Највисока излезност на ниво на Македонија е во Вевчани 72,05 проценти, а највисока во Скопје во Гази Баба 58,02 проценти. Најниско на ниво на Република македонија е во општина Маврово-Ростуше со 31,19 проценти, а најниска на ниво на Скопје во Шуто Оризари 33,83.
На гласањето на денешните Локалните избори нема посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, информираше Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
- МВР: Не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир
Според МВР, забележан е еден инцидент во општина Бутел, кој не е поврзан со изборите, како и дека во врска со изборите нема посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Беше соопштено дека Министерството има пријава и за седум случаи за поткуп, и дека полицијата е присутна на терен.
На прес-конференцијата беше истакнато дека бил регистриран привремен прекин или доцнење на гласањето на 20-тина гласачки места од технички причини, каде што гласањето потоа е продолжено.
Меѓудругото, МВР информираше дека денеска во село Горно Седларце, тетовско е регистриран обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на изборачки одбор. Исто така, евидентирани се осум пријави за фотографирање на гласачки ливчиња, од кои расчистени се седум случаи односно седум лица се приведени.
Против овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Инаку, гласањето започна денеска во 07 часот, при што на неколку места имаше мало задоцнување, како што информираа од ДИК, поради технички проблеми.
Локалните избори се одржуваат во 80 општини и Градот Скопје. Се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и 64 кандидати предложени од група избирачи.
Освен за кандидатите за градоначалници, на овие избори учествуваат и 6.627 кандидати на 372 листи за советници во општинските совети. На ден пред изборите, во сабота, се гласаше во 13 казнено-поправни установи каде право на глас имаат 1.882 избирачи. Исто така, вчера гласаа и болните, изнемоштените и раселените лица и нивните гласови ќе бидат пренесени во општините од каде се заведени во Избирачкиот список.
За набљудување на изборите Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и шест странски новинари.
Вториот круг од изборите, онаму каде што во првиот круг гласањето не завршило, ќе се одржи за две недели, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување - првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.