Admir Fazlagic
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Уставниот суд на Република Македонија на следната седница што ќе се одржи в среда, на 10 мај, ќе ги разгледува иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон со што ќе се овозможи градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според објавеното на веб страницата на Судот, на истата седница ќе се одлучува и дали може да почне исплатата на субвенциите за земјоделците.
Иницијативата која се однесува на градоначалниците е трета точка за седницата што ќе се одржи в среда, а со неа се бара оценка на уставноста и на законитоста на член 35, став 1 и на член 49 од Законот за локалната самоуправа, член 16, став 1 и член 16, став 1 во делот „во првата половина во мај“ од Изборниот законик.
До Уставниот суд иницијативи за продолжувањето на мандатот на градоначалниците и на советниците поднесоа Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и од Светскиот македонски конгрес.
Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но поради тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.
Уставните судии на седницата ќе ја разгледуваат иницијативата поднесена од земјоделското здржение Агротиквешија со која се бара оспорување на членот од Изборниот законик според кој е забранета исплата на субвенции се до фомрирање нова Влада.