Admir Fazlagic
06 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Почина градоначалникот на општина Боговиње, Тетовско, Хазби Идризи откако претходно денеска бил застрелан со огнено оружје, потврдија за Anadolu Agency (AA) полициски извори.
„Во 10:45 часот во тетовската клиничка болница е донесено лицето Х.И. (52) од Боговиње кое било застрелано од огнено оружје. По добиените прострелни рани лицето им подлегнало на повредите", потврдија за АА полициски извори.
Лицето кое изутринава го уби градоначалникот на Боговиње, Ќ.А (53), исто така од Боговиње, им подлегнало на повредите во Ургентиот центар во Скопје каде беше префрлено откако самото се застрела во главата по вербалната расправија и убиството на Идризи во угостителски објект во непосредна близина на општината.
Увид на местото на настанот вршат Јавен обвинител и увидна екипа од Сектрот за внатрешни работи Тетово. За сите понатамошни мерки по завршување на увидот ќе бидат дадени насоки од надлежниот Јавен обвинител, соопшти МВР.
- ДУИ бара расветлување на мотивите за убиство на градоначалникот Идризи
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение побара надлежните институции да ги расветлат мотивите за убиството на градоначалникот на Боговиње Хазби Идризи, кое, истакнува, во никој случај не било испровоцирано.
„ДУИ е длабоко потресена од веста за убиството на членот на нашето семејство и градоначалник на општина Боговиње Хазби Идризи, за време на извршувањето на својата должност во служба на граѓаните. Нашите мисли и срца во овие тешки моменти се со семејството и пријателите на Хазби Идризи, се вели во соопштението од ДУИ.