Mustafa Keleş
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - УНИЦЕФ соопшти дека децата бегалци кои се нашле во безизлезна ситуација во Грција, Бугарија, Унгарија и во другите земји на Западен Балкан, се соочуваат со психолошки проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на УНИЦЕФ се наведува дека во споменатите земји сѐ уште се наоѓаат околу 75 илјади мигранти, меѓу кои 24.600 се деца.
Се наведува дека административните процедури во врска со нивните барања се одвиваат многу бавно.
Во соопштението се напоменува дека не е познато кога ќе бидат обработени нивните барања и дали овие семејства со деца воопшто ќе можат да го продолжат патот кон Европа.
Од УНИЦЕФ исто така посочуваат дека моменталната ситуација особено негативно влијае на децата бегалци.
Тие предупредуваат дека неизвесноста и и одвоеноста од членовите на семејството би можеле кај многу деца да предизвикаат стрес и психичко нарушување чие лекување, како што се наведува, трае многу долго.
Исто така, во соопштението се наведува дека спојувањето на членовите на семејството кои се наоѓаат во различни европски земји трае долго, неретко од 10 месеци, дури до две години.
Од УНИЦЕФ сметаат дека децата би требало да бидат со родителите за да не се премногу изложени на стресни ситуации.
Тие апелираа до земјите во регионот да ги забрзаат и да ги поедностават процедурите за спојување на членовите на семејствата.