Mahmoud Barakat
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
САНА (АА) - „Околу 1,2 милиони јеменски деца живеат во конфликтните зони во Јемен“, соопшти УНИЦЕФ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Децата продолжуваат да живеат во 31 активна конфликтна зона, вклучувајќи ги Ал Худејда, Таиз, Хаџах и Саада - во областите што се сведоци на тешки насилства поврзани со војната“, изјави Герт Капелере, регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка.
„Не се сменија доволно работите за децата во Јемен по договорот од Стокхолм на 13 декември 2018 година“, вели официјалниот претставник.
На 13 декември во Шведска беа одржани мировни преговори за Јемен, кои завршија со прекин на огнот во подрачјето на Ал Худејда меѓу Хусите и јеменската Влада.
„Оттогаш, секој ден се убиени или повредени по осум деца. Повеќето од децата се убиени додека си играле надвор со своите другарчиња или одејќи и враќајќи се од училиште“, изјави Капелере.
„УНИЦЕФ уште еднаш ги повикува сите завојувани страни да стават крај на насилствата во жариштата и низ цел Јемен, да ги заштитат цивилите, да ги спасат децата од опасност и дa дозволат испорачување на хуманитарната помош до децата и нивните семејства каде и да се наоѓаат во земјата“, рече тој.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна.
Судирите во Јемен дополнително се интензивираа во март 2015 година, кога коалициските сили предводени од Саудиска Арабија започнаа да ѝ даваат поддршка на јеменската Влада во борбата против Хусите.