Admir Fazlagic
25 Мај 2016•Ажурирај: 26 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Уставниот суд на Република Макеоднија, денеска донесе едногласна одлука со која се поништуваат Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од јануари 2016 и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од февруари 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Судот, одложеното дејство на одлуките е главниот аргумент за оспорување односно поништување на Одлуката за распуштање на Собранието.
Судот оцени дека не може да се носи одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија.
На седницата пред една недела Судот изрази сомневање за одлуката и едногласно одлучи да поведе постапка по иницијативата на пратеникот Талат Џафери од ДУИ за оценување на уставноста. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.
Парламентот истиот ден, на 18 мај, одржа седница на која беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите закажани за 5 јуни.
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во Службен весник на РМ, односно во првиот нареден број.