Admir Fazlagic
09 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Уставниот суд на Република Македонија денеска ја одржа 24. седница на која ги разгледуваше иницијативите за оценување на уставноста и законитоста предложени за оваа седница, јавува Anadolu Agency (AA).
На дневниот ред беше разгледувана иницијативата поднесена од страна на политичката партија БЕСА, а иницијативата се однесува на оценување на уставноста и закониста на член 196-б, став 1 и 4 од Изборниот законик, односно членот 1 од Законот за дополнување на Изборниот законик, Одлука за отворање канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) во седиштата на единиците за локалната самоуправа каде што ќе се спроведува пријавувањето, донесена од Државната изборна комисија на 25.7.2016 година и Јавниот повик за пријавување на граѓани чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список усвоен од Државната изборна комисија на 25.7.2016 година.
Во однос на став 1 од членот 196-б од Изборниот законик за ДИК е предвидена одредба за три работи: Избирачкиот список да се стави на јавен увид на веб-страницата на ДИК, да се спроведе медиумска кампања и да се објави јавен повик по однос на податоците на 39.502 лица кои беа предмет на проверка во Избирачиот список, сметано од 26.6.2016.
Став 4 од членот 196-б од Изборниот законик се однесува на рокот од 25 дена за пријавување за спорните гласачи од ДИК, сметано од денот на објавување на јавниот повик.
По завршувањето на денешната седница, од Уставниот суд беше соопштено дека и двете иницијативи за оценување на уставноста и закониста на член 196-б, став 1 и 4 од Изборниот законик се отфрлени.
„Уставниот суд оцени дека сето ова е од привремен карактер. За став 1 за јавен увид, за медиумска кампања и објавување на јавен повик за 39.503 гласачи, судот смета дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата бидејќи по 29 август, оспорената законска одредба е исцрпена во примената, повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија. Според тоа, иницијативата се оспорува поради привремениот карактер и како таква, дејствијата што биле преземени врз основа на таа иницијатива се исцрпени“, велат од Уставниот суд, додавајќи дека и за став 4 се однесува истото, а во однос на одлуката за отворање канцеларии и за јавниот повик, како што наведуваат од Уставниот суд, тоа не се акти подобни за уставна проценка бидејќи не се прописи, туку се работни материјали на ДИК.