Admir Fazlagic
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Штрајкувачкиот одбор на Здружението за глуви и наглуви на Град Скопје (ЗГН) денеска организираше мирен протест пред Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија (МТСП) барајќи од ова министерство и надлежните институции да посвети повеќе внимание на нивните проблеми и барања, како и да ја запознае пошироката јавност со истите, со цел надлежните органи да преземат соодветни мерки во насока на решавање на проблемите со коишто се соочуваат глувонемите и наглуви лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред Министерството за труд и социјална политика денеска се собраа неколку десетици глуви и наглуви лица од Здружението за глуви и наглуви на Град Скопје носејќи транспаренти на кои беа испишани нивните пораки меѓу кои: „Бидете со нас", „Слушете не МТСП", „Ние слушаме со срце", со кои бараат МТСП и Националниот сојуз на глуви и наглуви лица (НСГНРМ) да обрнат внимание на проблемите коишто тие ги посочуваат.

Од Здружението на глуви и наглуви на Град Скопје посочуваат дека како една од опциите за надминување на оваа, како што велат, неодржлива состојба одлучиле да организира протест со кој ќе ја запознае пошироката јавност во надеж дека надлежните органи конечно ќе почнат да работат согласно нивните законски надлежности и обврски, за што се бара:
„Надлежните да ја запознаат пошироката јавност во ударни вести за проблемите кои ги имаат глувите и наглуви лица во Република Македонија со НСГНРМ, почесто да се присутни на терен и да известуваат за незаконски постапки, но и за активности на глуви и наглуви лица во Македонија, да ги потсетуваат надлежните органи особено МТСП за нивните обврски за почеста контрола на работењето на НСГНРМ и трошење на буџетските пари и изнаоѓање начини за подобрување на состојбата на глуви и наглуви лица."
Како што информираат од Здружението на глуви и наглуви на Град Скопје, тие повеќе пати во текот на 2016 и 2017 година писмено се обратиле до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и до Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија за надминување на како што наведуват пропусти, слабости и незаконско работење на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија и поактивно вклучување на МТСП во надзор врз трошење на буџетските пари од НСГНРМ, што според нив, досега било игнорирано од двете страни.
„Во изминатиот месец претставници на ЗГН на Град Скопје остварија средби со службеници од повеќе сектори, како и со кабинетот на МТСП кои беа зачудени зошто досега не е постапено и зошто повратно не сме биле известени, но не прифатија средба па затоа ЗГН на град Скопје одлучи да организира мирен перотест пред МТСП и НСГНМ особоено и поради незаинтересираноста на МТСП, особено во делот за ненаменско трошење на буџетските пари од НСГНМ кое има право и обврска за надзор, тоа не го прави", стои во соопштението на јавноста на Здружението на глуви и наглуви на Град Скопје.
Според нивните информации, на територијата на Град Скопје има помеѓу 400-500 глуви и наглуви лица.