Besar Ademi
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, на отварањето на 6. Годишен САМИТ100 на бизнис лидери од Југоистична Европа, изјави дека целта на овој самит е да биде силен глас што ќе го привлече и задржи вниманието на политичарите од регионот, бидејќи бизнисмените преку овој самит говорат во еден глас за основните приоритети на нашиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов, повикувајќи се на неколку предизвици за економијата и за бизнисмените од регионот, истакна дека за да се надмине фрагментираноста на Балканот, неопходно е политичка и безбедносна поврзаност преку членство во Европска Унија (ЕУ) и во НАТО.
„ЕУ беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање, и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е ЕУ час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија“, рече Иванов.
Тој понатаму нагласи дека со секое затворено поглавје земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски демократски стандарди. Иванов додаде дека целта е еден ден државите од регионот да бидат дел од европскиот пазар во кој компаниите од регионот ќе можат слободно да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
Според него, градењето нова инфраструктура на Балканот ќе ја смени географијата и иднината, затоа што, како што рече, ќе ги поврзува земјите од Југоисточна Еврпа, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции.
„Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги избрише предрасудите и поделбите, ќе ја унапреди соработка и ќе ја гради европската иднина на сите држави од регионот", додаде Иванов.
- „Успеавме да го затвориме балканскиот миграциски коридор, но не можеме да ги задржиме младите на Балканот“ -
Македонскиот претседател истакна дека голем предизвик за Балканот е и одливот на стручен кадар, додавајќи дека постигнат е успех во спречувањето на приливот на мигранти кои имаа цел да стигнат во Европа, но не е постигнат успех да се спречат младите луѓе од регионот кои ја имаат истата цел како имигранти.
„Како држави ние успеавме да го затвориме Балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти од третиот свет. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сѐ изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација“, изјави претседателот Иванов.
Членот на претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Младен Иваниќ, присуствуваше на отворањето на Самитот на бизнисмените од Југоисточна Европа изразувајќи го задоволството што може да биде дел од настан кој е важен за поврзување на политиката и економијата, за кои рече дека секогаш се меѓусебно поврзани.

„Јас спаѓам меѓу луѓето коишто мислат дека политиката и економијата мораат и одат заедно, секоја политичка одлука има економски импликации како што и добрите економски резултати можат и значат солидни политички резултати, и мислам дека е многу важно, од време на време, луѓето од бизнисот да имаат можност да разговараат со луѓето од политиката и да видат кои се клучните работи кои треба да се менуваат, прилагодуваат, а посебно е важно тоа го прават големите компании кои се гаранти на долгорочната стабилност и развој“, истакна Иваниќ во својот говор пред присутните на Самитот.
Тој додаде дека политичките структури треба да соработуваат како што тоа го прават бизнисмените од регионот, со намера да создадат подобра и попозитивна слика на Балканот.
Меѓу другото, членот на Претседателството на БиХ укажа и на потребата од инфраструктурно поврзување на земјите од регионот, наведувајќи дека смета оти на тој начин ќе се зголеми бизнис соработката и ќе се унапредат односите на земјите, а со тоа, како што рече, ќе се подобри и квалитетот на животот на граѓаните.
Инаку, денес и утре на регионалниот Самит 100 што се одржува во Скопје ќе учествуваат над 150 бизнис лидери од Југоисточна Европа, четворица премиери од Западен Балкан, како и министри и претставници на ЕУ.