Bekim Laci
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
СКОПЈЕ (AA) - Михаела Ангелова, доктор на науки по биоинформатика, го доби признанието „Најдобар млад научник“ за 2015 година кое шеста година го доделува претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа е избрана на отворениот јавен повик на кое за ова признание за 2015 се пријавиле десет млади научници од Македонија.
Михаела Ангелова (Виница, 1986) минатата гидина докторирала на Медицинскиот факултет во Инсбрук, Австрија, стекнувајќи го звањето доктор на науки по биоинформатика, на тема „Имуногеност на рак на дебелото црево“. Додипломските (2009) и постдипломските студии (2010) ги завршила на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ во Скопје, со просечен успех 9.95 и 9.88.
Ангелова за време на студиите била на размени на универзитети во Грац и Париз, вклучена како помлад истражувач во МАНУ, а по докторирањето работела како научен истражувач на Институтот за биоинформатика на Универзитетот во Инсбрук. Од август 2015 таа работи како научен истражувач, постдокторант биоинформатичар во лабораторија за интегративна имунологија на ракот во Париз. Коавтор е на седум научни трудови објавени во списанија со импакт-фактор, учесничка на меѓународни конференции и добитник на голем број домашни и меѓународни награди.
Претседателот Иванов на врачувањето истакна дека како и секоја година на повиците се пријавуваат научници чии достигнувања и предизвикуваат потешкотии на комисијата која треба да го избере најдобриот што ќе биде носител на признанието.
„Креативноста и постигнувањата на нашите млади научници се доказ дека имаме голем потенцијал во сите научни области. Оттука, треба да направиме се младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа, рече Иванов.
Целта на наградата „Најдобар млад научник“ што ја доделува Претседателот на Република Македонија е вреднување на дострелите на младите македонски научници. Ангелова е шеста добитничка на ова високо признание, кое од 2010 година го добија и младите научници: Никола Златанов, Трифче Сандев, Катерина Бачева, Петар Стојанов и Даниел Денковски.