Ivana Ramadanova
21 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на вооружените сили на Полска, генерал Мјечислав Гоцул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од Кабинетот на претседателот, на средбата е разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што е изразено задоволство од досегашната одлична соработка и одржувањето на дијалогот на високо ниво во областите од заеднички интерес, особено во областа на одбраната.
Иванов посебно ја истакна досегашната активна поддршка што Македонија ја добива од страна на Полска, која е особено изразена во политиката на „отворени врати на НАТО“, при што изрази очекување за нејзина потврда и на претстојниот Самит на Алијансата што ќе се следниот месец одржи во Полска.
Заедничка констатација на претседателот Иванов и генералот Гоцул е дека постои потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната. Во тој контекст двајцата соговорници изразија очекување за интензивирање на соработката меѓу армиите на двете земји како основа за заеднички ангажмани во наредниот период, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Полска, генерал Мјечислав Гоцул, денес имаше средба и со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
%2F20160621_2_17613029_11519733.jpg)
Како што информираат од АРМ, на средбата и официјалните разговори на делегацијата покрај презентирањето на мисијата на АРМ, учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, активностите кои АРМ ги спроведува во справување со мигрантската криза, било разговарано и за актуелната безбедносна ситуација во регионот, како и за можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка во повеќе области на одбраната, посебно во изведување на заедничка обука, учество на вежби и мисии на специјалните единици на двете армии.
Генералот Гоцул се осврна на придонесот кој АРМ го дава со своето учество во мировните мисии и меѓународните вежби, со посебен осврт на покажаната интероперабилност и стандарди од припадниците на АРМ на оваа најголема воена вежба на НАТО која се изведуваше во Република Полска, каде АРМ се докажа како значаен доприносител во колективната безбедност.