Ivana Ramadanova
24 Јуни 2016•Ажурирај: 24 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Еквадор и Исламска Република Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на Иванов, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Еквадор со седиште во Рим, Хуан Холгун Флорес, Иванов истакнал дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за сеопфатно развивање на меѓусебните односи и изразил уверување дека во блиска иднина ќе се интензивира билатералниот политички дијалог и меѓусебната соработка, особено во доменот на економијата, културата и туризмот.
Новоименуваниот амбасадор на Еквадор, Флорес ја искажал својата заложба за унапредување на билатералните односи особено во областа на економијата, како и за актуелни меѓународни прашања и регионални теми од заемен интерес.
Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Пакистан со седиште во Анкара, Сохаил Махмуд, изрази уверување дека со заемен ангажман во претстојниот период ќе се интензивира политичкиот дијалог и соработка меѓу двете земји.
„Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји кои ги одликува богата и древна културна традиција, претстојат многу можности за унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план", истакна претседателот Иванов.
Новоименуваниот амбасадор на Пакистан, Махмуд ја изрази подготвеноста за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, особено во областа на трговската размена, научната и технолошката соработка.