Ekipa
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
ПЕДЕРНАЛЕС (АА) - Во најсилниот земјотрес кој во последните четири децении го погоди Еквадор загинаа 233 лица, потврди претседателот на таа земја Рафаел Кореа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер траеше околу 40 секунди, а епицентарот беше 27 километри југоисточно од Муисне, слабо населено подрачје преполно со рибарски пристаништа.
Кореа го потврди бројот на страданите лица на својот Твитер профил додека леташе назад од Рим каде престојуваше во официјална посета. Еквадорските функционери соопштија претходно дека бројот на повредените во земјотресот е поголем од 580.
Претседателот Кореа прогласи вонредна состојба во шест погодени подрачја и апелираше на населението да не создава паника.
Во силниот земјотрес во сабота уништени се приобалните градови, а жителите избегаа на повисоките подрачја.
Земјотресот остави штета и во големиот комерцијален центар Гуајакуил во кој некои згради се делумно урнати, а општетени се и патиштата. Во тој град се урна и мост. По потресот следубаше и серија од повеќе од десетици потресувања, објави сеизмичката служба.
Во Педерналес, градот со 40.000 жители недалеку од епицентарот на земјотресот, многу жители ја поминаа ноќта на отворено, а спасувачките екипи настојуваат под урнатините да ги извлечат и да ги спасат затрупаните луѓе.
"Некои села се потполно уништени. Она што се случи тука во Педерналес е катастрофално. Правиме што можеме, но не можеме да напрравиме многу", рече Габриел Алчивар, градоначалникот на Педерналес.
Поради опасноста од појавата на цунами илјадници луѓе од крајбрежните населби се евакуирани, а според последното соопштение на надлежните институции опасноста помина.
Повеќе од 10.000 војници и илјадници пожарникари, спасувачи и волонтери стасаа на подрачјето на кое земјотресот нанесе разорување од широки размери.