Zylfije Adem Jakupi
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово одлучи привремено да го прекине извозот од Косово на основните земјоделско-прехранбени производи во другите земји поради кризата предизвикана од војната во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за индустрија, претприемништво и трговија, Розета Хајдари, рече дека привремено нема да смее да се извезуваат житарки, брашно, масло за јадење, кујнска сол и шеќер за во иднина да не се загрозува снабдувањето на населението.
„За да ја олесниме состојбата, предлагаме привремено забрана за извоз и повторен извоз на некои основни земјоделско-прехранбени производи. Нашиот предлог се заснова на Законот за внатрешна трговија и Законот за надворешна трговија. Со предложената одлука се забранува извоз и повторен извоз на производи како житарици, брашно, масло за јадење, шеќер и сол“, рече Хајдари.
Владата го утврди и Предлог-законот за минимална плата во износ од 265 евра бруто, односно 250 евра нето, која од 2011 година изнесуваше 170 евра. Истовремено ќе се укине и данокот на плата до 250 евра, од што бенефит ќе имаат сите вработени, без разлика на висината на платата.
Владата на Косово денеска ја одобри и ревизијата буџетот за 2022 година, кој од 2,75 ќе се зголеми на 2,9 милијарди евра. Министерот за финансии и трансфери, Хекуран Мурати, рече дека промената на буџетот е резултат на зголемувањето на приходите од 17 отсто во првиот квартал од оваа година.
Тој, исто така, истакна дека ревизијата на буџетот овозможува доделување помош од 100 евра за месец април за сите вработени во јавниот и приватниот сектор, корисниците на пензиски програми, како и студентите. Министерот Мурати објасни дека од оваа поволност ќе бидат исклучени сите оние кои се на раководни позиции на владино ниво, како и сите кои имаат плати повисоки од 1.000 евра.
Премиерот Албин Курти пред гласањето рече дека оваа влада прва им поделила пари на граѓаните и дека тоа е практика која се применува и во некои други европски земји како Франција и Германија. Тој нагласи дека овие мерки за поддршка не се фискална или развојна политика, туку се дел од социјалната политика за поддршка на граѓаните во предизвикувачки времиња.