Zylfije Adem Jakupi
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Албин Курти, денес го смени министерот за внатрешни работи и јавна управа, Агим Велиу, поради изјавите во кои се спротивстави на ставовите на премиерот дека не е потребно воведување вонредна состојба и поради ширењето паника во врска со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Владата на Косово се вели дека Велиу, во изјавата за телевизијата „Клан“ од Косово, рекол дека е против ставот на премиерот оти нема потреба од вонредна состојба и поради ширењето паника со изјавата дека бројот на заболени лица се зголемува од час во час, и покрај официјалните информации дека бројот на заразените изнесува 19.
Министерот Велиу е од Демократскиот сојуз на Косово, коалицискиот партнер на „Самоопределба“ на Курти.
За ова е известен претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, од кого Курти побара што побрзо да испрати ново име за министер. Дотогаш, вршител на должноста министер ќе биде заменик-министерот од „Самоопределба“, Џелал Свечла.
Косовската Влада, предводена од Албин Курти, смета дека воведувањето вонредна состојба е екстремна мерка и затоа не го поддржува предлогот на косовскиот претседател Хашим Тачи за воведување вонредна состојба во земјата.
Заменик-премиерот на Косово, Хаки Абази, на синоќешната прес-конференција рече дека Владата ќе ја разгледа ситуацијата и ќе одлучи дали е неопходно во одреден момент да се прогласи вонредна состојба.
Од друга страна, Иса Мустафа, претседателот на Демократската лига на Косово, повика на вонредна состојба како мерка за да се спречи ширењето на коронавирусот.