Zülfiya Yakup
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Иса Мустафа, денес на седницата на Владата изјави дека на првиот состанок на Советот за стабилизација и придружување помеѓу Косово и ЕУ во Брисел јасно е нагласено дека Косово мора да го ратификува договорот за демаркација на границите со Црна Гора доколку сака безвизен режим, јавува Anadolu Agency (АА).
Мустафа нагласи дека шансите да се укинат визите на Косово во 2017 година се мали, ако демаркацијата на границите со Црна Гора не се заврши до крајот на оваа година.
Тој упати апел до пратениците на Собранието на Косово да го усвојат тој договор и предложи да се формира комисија за одредување на површината на косовската територија.
„Доколку е потребно, можеме како Влада да формираме и комисија која би извршила мерење на површината на Косово, врз основа на одлуката на Комисијата за одредување на државните граници, колку квадратни метри има Косово, за да се утврди дали се намалила површината на Република Косово. Истовремено би барале од комисијата да ги предложи своите експерти, затоа што можеби пред јавноста остануваме должни да ги информираме во врска со точните податоци за територијата на Република Косово, изјави Мустафа” , соопшти Владата на Косово.
Тој додаде дека доколку тие податоци бидат јасни и транспарентни повеќе нема да има ниту една причина тој процес да не се заврши.
Опозицијата тврди дека Косово со договорот за демаркација на границите со Црна Гора, кој двете земји го потпишаа кон крајот на август минатата година, губи повеќе од 8.000 хектари земја.