Zylfije Adem Jakupi
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ПРИШТИНА (АА) - Првата официјална државна делегација на Израел, на чело со министерот за регионална соработка Есави Фреј, ја започна тридневната посета во Косово со состанокот со косовскиот министер за администрација и локална самоуправа Елберт Красниќи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фреј веднаш по состанокот рече дека Израел сака да ги унапреди, зајакне и продлабочи односите со Косово.
Според него „Израел и Косово имаат многу заедничко, бидејќи ја разбираат цената на судирот и борбата за независност“. Тој додаде дека двете земји се мали и имаат богат човечки капитал.
„Сигурен сум дека ова е само почеток и дека израелскиот народ, израелската Влада ќе биде овде и наредниот месец или наредната година и дека тоа ќе биде првиот чекор на инвестирање во Косово. Но, пред сè, треба да се запознаеме едни со други, да се состанеме и да знаеме каде одиме, но ние сме на вистинскиот пат“, рече Фреј.
Одговарајќи на прашањата на новинарите за тоа кога ќе биде отворена Амбасадата на Израел во Косово, Фреј кажа дека тоа ќе се случи кога ќе се зголемат економско-трговските односи на двете земји, но дека е важно што амбасадорот на Израел во Косово е веќе назначен.
„Косово е важно и затоа овде имаме амбасадор. Немаат сите балкански земји израелски амбасадори. Израел има амбасадори во 80 држави низ светот. Во повеќето балкански земји нема израелски амбасадори, но во Косово да, имаме“, рече Фреј.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на 6 април оваа година ги прими акредитивните писма од првата израелска амбасадорка во Косово, Тамара Жив.
Косовскиот министер Красниќи ја оцени оваа посета како многу важна за продлабочување на соработката помеѓу двете земји и дека е само почеток на меѓусебната соработка во многу области.
Красниќи кажа дека Фреј денеска ќе има состанок и со премиерот Албин Курти.
Предвидена е посета на Клиниката за детски болести бидејќи постои меѓудржавна соработка и децата од Косово се лекуваат во Израел, а потоа на центарот „Хендикос“ ќе му биде врачена инвалидска количка за деца, донација од Израел.
Израелската делегација ќе го посети и градот Призрен, каде што ќе ги обиколи еврејските и косовските културно-историски споменици.
Признавањето на Косово од страна на Израел се случи во рамките на косовско-српскиот економски договор потпишан на 4 септември 2020 година во Белата куќа, во присуство на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп.
Официјалното воспоставување на косовско-израелските дипломатски односи објавено е на 1 февруари 2021 година, а Косово на 14 март истата година ја отвори канцеларијата во Кудс.