Балкан, Коронавирус

Владата на Северна Македонија го укина задолжителното носење заштитни маски во затворен простор

Според препораките, Владата го укина задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и за лица со попреченост

Furkan Abdula  | 12.04.2022 - Обновена : 13.04.2022
Владата на Северна Македонија го укина задолжителното носење заштитни маски во затворен простор

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија соопшти дека го укинала задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со одредени исклучоци, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението се наведува дека Владата на Северна Македонија на 37-та седница ги прифатила препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) утврдени од страна на Главниот координативен кризен штаб.

Според препораките, Владата го укина задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и за лица со попреченост.

„Во врска со оваа точка, иако се укинува носењето маски во затворен простор, Владата силно ја афирмира препораката на КЗБ маски во затворен простор да носат лицата над 65-годишна возраст, хронично болните и лицата со намален имунитет. Согласно препораките се укинува обврската за задолжително носење на маски за време на физичката настава во средните училишта, како и забраната за организирање екскурзии и настава во природа“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека меѓу мерките што се укинуваат е и мерката за задолжителна изолација на лица што имале блиски контакти со случаи позитивни на Ковид-19, за кои останува мерката за носење заштитна маска во затворен простор во период од 7 дена од последниот контакт со лица со потврден Ковид-19.

Според соопштеното, одлуките од денешната седница стапуваат на сила од денот на објавување во Службен весник.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.