Besar Ademi
13 Јануари 2018•Ажурирај: 14 Јануари 2018
ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во општина Вевчани официјално беше отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, кој се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Македонија и пошироко со над 1.400-годишна традиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој карневал, кој се одржува по повод новогодишниот празник според стариот календар, е познат како провокативна манифестација преку разни маски и персонификации. Карневалот го отвори министерот за култура на Република Македонија Роберт Алаѓозовски, кој истакна: „Карневалските маски резонираат и со новите владини политики, критични се, отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип – демократизација на културата, на општеството, освојување нови хоризонти на критичката култура."
Карневалот започна со дефиле на маскирани групи луѓе од Горно и од Долно Маало во селото, кои преку своите маски пренесоа пораки, како и критики за настаните од 2017 година во земјата, регионот и пошироко.

Со цел на критичен и сатиричен начин да ги претстават настаните од минатата година, учесниците носеа маски кои ја симболизираа ЛГБТ заедницата, спорот околу името меѓу Македонија и Грција, Законот за употреба на јазици кој беше усвоен во Парламентот на Република Македонија, а не изостана и маски на кои беа претставени богати шеици, американскиот претседател Доналд Трамп, неговата сопруга Меланија и ќерката Иванка, како и многу други личности и настани од различни сфери.
Карневалот ќе заврши утре со традиционалното палење на маските,со што се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.

Инаку, Вевчанскиот карневал е стар 1400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот" и „Невестата" се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13-ти и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.

„Вевчанскииот карневал“ е манифестација која преку различни маски и персонификации со критичен и сатиричен осврт пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата, регионот, но и во светот.