Abdula Berisha
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се состана со министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, кој престојува во официјална посета во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи и Ауреску реализираа билатерална средба, по која следуваше потпишување на два меморандуми за разбирање, еден за дипломатска академија, а вториот за социјална заштита.
На заедничката прес-конференција двајцата министри за надворешни работи нагласија дека покрај билатералните прашања, во фокусот на нивната средба била и војната во Украина.

„Главна тема, секако, беше и руската нелегална воена инвазија на Украина. Како земја кандидат [за членство во ЕУ], Северна Македонија е целосно хармонизирана со заедничката надворешна политика на Унијата, вклучувајќи ги и сите санкции кои Унијата ги спроведува кон Русија“, рече министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Османи.
Министерот за надворешни работи на Романија, Ауреску, изрази задоволство што помогнале во евакуирањето на државјаните на Северна Македонија од Украина, и за тоа што се привремени домаќини на Амбасадата на Северна Македонија во Украина.

Ауреску истакна дека Романија е силен поддржувач на интеграцискиот процес на Северна Македонија во ЕУ.
„Мислам дека вашата земја е целосно подготвена да ги започне преговорите за членство. Сметам дека проширувањето на ЕУ станува порелевантно од кога било, бидејќи имаме потреба од стабилен и безбеден регион на Западен Балкан, особено по нелегалната воена агресија на Русија врз Украина и последиците од тоа. Ова е од стратешка важност не само за земјите кои се тука, туку и за ЕУ во целина“, додаде тој.
Министерот Ауреску во рамки на неговата посета на Скопје ќе се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.