Admir Fazlagic
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија го усвои предлог-планот 3-6-9, за спроведување на итните реформски приоритети важни за евро- атлантските интеграции на Република Македонија, како и за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на денешната прес-конференција истакна дека со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9, владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгиот застој.
„Ова е почетната точка, планот 3-6-9 на итните реформски приоритети што вчера го усвои Владата на Република Македонија. Планот го насловивме 3-6-9 затоа што ги означува наредните временски точки на нашето заедничко придвижување напред. За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи. Целта ни е до локалните избори да обезбедиме аргументација за Европската комисја да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори. За 6 месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја-кандидат за Европската Унија. За 9 месеци имаме намера да го имплементираме третиот круг од реформите. Во следниот извештај на Европската комисија да ги насочиме земјите-членки кон дискусија за утврдување датум за претпристапните преговори на ЕУ со Република Македонија“, истакна Заев.
Тој нагласи дека очекува ваквите мерки во брзо време да ги обезбедат перспективите на Република Македонија кон НАТО Алијансата, со што, како што истакна, значително ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните.
Меѓу другото, претседателот на Владата, Заев, во контекст на споменатите реформи најави демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борба против корупцијата, реформи во јавната администрација, во изборното законодавство, според препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и кохабитација со претседателот на државата. Посочи дека Владата ќе соработува и со граѓанското општество, со кое има намера да води транспарентен дијалог.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, ги појасни мерките и активностите содржани во планот и рече дека Владата мора да ги испорача тие мерки, бидејќи, како што рече, претставуваат наднационален предизвик.
„Правецот на реформите произлегува од програмата за работа на Владата, а се земаат предвид: Пржинскиот договор, препораките од ЕУ, вклучително и учеството на комесарот Хан на специјалната седница на Владата, насоките на Европската комисија за реформските приоритети од 2015 година, Венецијанската комисија, ГРЕКО, ОБСЕ и ОДИХР и препораките на невладииот сектор“, рече Османи.
Претседателот на Владата, Заев, и вицепремиерот за евроинтеграции, Османи, истакнаа дека за спроведување на споменатите мерки постои политичка волја и веруваат оти тие ќе обезбедат постабилна, посигурна и подобра иднина за граѓаните на Република Македонија.