Besar Ademi
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Чифте Амам во Старата скопска чаршија, во организациа на Македонскиот центар за меѓународна соработка „Цивика Мобилитас“, се одржа форум на темата „Предизвици, перспективи и потенцијали на миграциите“, каде што се дискутираше за иселувањето и мобилизацијата на младите, лекарите и уметниците, влијанието на миграциите во бизнис секторот и во другите сектори, како и за улогата на граѓанскиот сектор во справувањето со миграциите, јавува Anadolu Agency (AA).
Форумот беше поделен на неколку панел-дискусии, а меѓу големиот број панелисти од различни граѓански здруженија во земјата беше и министерот без ресор на Владата на Македонија одговорен за дијаспората, Едмонд Адеми.
Адеми нагласи дека Владата на Македонија за првпат во својата историја на независноста, ги подигна односите меѓу државата и македонските емигранти на политичко ниво, со именување на еден министер одговорен за дијаспората. Според него, со именувањето министер одговорен за дијаспората, Владата покажува дека дијаспората има големо значање за македонската држава.
Во врска со прашањето какви мерки ќе преземе владата за да го спречи иселувањето на голем број млади од Македонија во европските земји, Адеми рече дека во денешно време е тешко да се спречи иселувањето, но оти е важно да се создаде стратегија за соработка со дијаспората, за да се користи нивниот капацитет за развојот на Македонија.
„Живееме во 21. век, глобализацијата го прави своето, и како таква, миграциите се нормален процес во целиот свет, не само кај нас. И од сиромашни земји се мигрира кон побогати земји, а се мигрира и од богати кон богати земји. Во овој период е важно, кога ќе ја мапираме дијаспората, да знаеме точно колку реално имаме луѓе во државата и не само како бројка туку тоа да го направиме, за да ја знаеме не само етничката, туку професионалната, полната и другите структури. Тоа е потребно да се направи со цел, овие луѓе, да бидат во служба на општеството и негиовиот развој“, рече министерот Адеми.
- „Иселувањето помасовно од југозападниот дел, југоисточниот дел е испразнет“
Од друга страна, претседателот на Младинскиот сојуз – Крушево, Методија Стојчески, кој во последните две години го истражува прашањето на миграцијата на младите од Македонија, истакна дека според истражувањата на неговото здружение, секој втор млад човек има за цел да ја напушти Македонија.
„Младите луѓе мигрираат и внатре во државата, од помалите средини во поголемите центри, најчесто во Скопје. Сега е тој тренд на иселување во државата. Според нашето истражување, секој втор граѓанин сака да ја напушти државата“ , истакна Стојчевски.
Тој додаде дека иселувањето на младите се случува повеќе од југозападните градови на земјата. Исто така, додава дека од североисточните градови на земјата веќе сите млади се иселени внатре или надвор од државата. Причините за иселувањето, како што рече тој, се економски, потрага по вработување и подобри услови за живот.