Besar Ademi
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Здружението за истражување, комуникација и развој „Паблик“ во Скопје го претстави едногодишното истражување на темата „Миграција, услуги, интеграција“, во кое биле спроведени истражувања за социјалните услуги за бегалците, мигрантите и за азилантите за време на нивното патување во европските земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето „Миграција, услуги, интеграција“ било спроведено во Македонија, Србија и во Хрватска, по затворањето на „балканската рута“. Во него биле истражени и надлежните институционални капацитети во справувањето со кризата со бегалците и мигрантите. Истражувањето во Македонија било спроведено од страна на Здружението „Паблик“, во Србија од Комитетот на адвокати за човекови права ЈУКОМ, а пак во Хрватска од НВО МОСТ.
Маја Равенска од здружението „Паблик“ истакна дека веќе знаеме оти балканската рута за бегалците и мигрантите е затворена, дека тоа е затворен случај. Таа додаде дека, сепак, станува збор за интеграцијата на бегалците заглавени на територијата на Македонија, Србија и Хрватска.
„Истражувањето покажа интересен резултат дека перцепцијата на самите институции е дека нивната кохеренција и соработка е доволна, меѓутоа одговорите на невладините организации покажаа поинаква слика, односно дека многу работи не се усогласени и многу работи се решавале ад хок“, рече Равенска, додавајќи дека вистината лежи меѓу овие два погледа.
Од друга страна, Ана Јанковиќ Јовановиќ од комитетот „ЈУКОМ“ – Србија, изјави дека Србија нема доволен капацитет за да се грижи за тој број на бегалци што се на нејзината територија.
„Многу работи се сменија од кога е затворена балканската рута, а конкретно и за Србија. Бројот на лица што поминуваат низ Србија се намали, но сѐ поголем број лица остануваат на нашата територија, и тоа е голем проблем за Србија. Кога лицата добиваат потврди, имаат право на територијата на Србија да престојуваат 72 часа, но тие остануваат со месеци“, истакна Јовановиќ.
Во меѓувреме, Џордана Барбабиќ од невладината организација „МОСТ“ – Хрватска, рече дека историјата на бегалците и мигрантите е исто така историја на цивилизацијата во која живееме денес. Таа додаде дека е потребна соработка на локално, национално и на меѓународно ниво за да се реши прашањето на бегалците и мигрантите.
„Секогаш проблемот е во довербата меѓу институциите на национално ниво, односно државните институции и невладините организации, тоа секогаш е проблем. Без заедничка работа можеме да направиме многу малку. Препораката за сите држави е да не молчиме за ова. Ова е еден од начините како да се сензибилизира јавноста за предрасудите за мигрантите и азилантите. Затоа треба да зборуваме за ова“, изјави Барбариќ.