САРАЕВО (АА) - „Сакам мир, сакам да живеам, тоа се зборовите на едно дете“, се вели во едно од писмата, најверојатно на едно дете од Сребреница од 1994 година. Нацртана дланка, а на неа име: Хасан Хасановиќ и цитат: „Има една земја Босна, ладна и гладна, но пркосна од сонот“.
Ова и уште неколку други писма, но и видеоснимки од Сребреница и Поточари, за Anadolu Agency (АА) ги покажа Осман Авдиќ, еден од преживеаните од геноцидот во Сребреница. Ова е првпат овие писма и видеоснимки јавно да бидат прикажани.
Авдиќ, еден од преживеаните од геноцидот во Сребреница, писмата и снимките ги добил од еден холандски војник кој во тој период бил на служба во Поточари. Војникот ги добил од сребреничани кои на тој начин се обидувале да воспостават некаква комуникација со своите роднини во другите делови од светот. Се обидоа да им ги пренесат случувањата во Сребреница и во Поточари, но и зборовите дека се добро и оти се надеваат на средба. Меѓутоа, не е познато дали авторите на овие писма, кои никогаш не стигнаа на посакуваната адреса, се едни од малкутемина кои го преживеале геноцидот во Сребреница во 1995 година.
- Сребреничани не губеа надеж -
Авдиќ е роден во Милиќи, а со семејството се доселил во енклавата Сребреница во 1993 година. Една година подоцна тој остана без татка си. Животот го продолжил со неговата мајка и со своите шест браќа и сестри. Живееле близу воената база на холандските војници. Се дружеле со нив и учеле англиски јазик, но разменувале и различни прехранбени производи. По сѐ што се случи, останал во контакт со некои од нив.
„Во јануари оваа година бев во Холандија. Заминав за да се сретнам со еден поранешен војник, кого го запознав во 1994 година, во Сребреница. Кога првпат стапивме во контакт, ми рече дека има некои видеокасети и писма од тоа време. Кога се вратил во Холандија, не успеал да ги пронајде семејствата на кои требало да им ги предаде писмата, за да знаат дека нивните семејства се живи“, раскажа Авдиќ за АА, додека го читаше писмото на Хасан Хасановиќ во коешто се наведува дека „тие се добро во Сребреница, на крајот на светот за муслиманите“.
Писмата се напишани на 10. јули 1994 година, значи една година пред окупацијата на Сребреница и геноцидот што ќе биде извршен на тоа подрачје.
„Тоа се снимки од Сребреница за време на војната и животот на луѓето во таа воена година. Тоа се писма во коишто луѓето пишуваат за одвоеноста од своите семејства, опишувајќи ја состојбата во градот... Во едно писмо, човек опишува едно мало момче, колку би сакал да си игра со него, да ужива, да оди на работа. Да се дружат...“, вели Авдиќ.
Писмата во тоа време важеа за сигурна комуникација со оние што не се наоѓаа во Сребреница. Една од можностите тие да бидат испратени беа холандските војници кои во тоа време беа дел од заштитената зона на Обединетите нации (ОН), прогласена во 1993 година.
Парите, писмата и видеокасетите, според Авдиќ, биле испратени за Холандија, од каде што требало да бидат проследени понатаму кон Германија, Англија и други земји во коишто се наоѓале роднините на тие сребреничани.
„Колку што можев да разберам, некои работи успешно се проследени, меѓутоа, некои не. Многу луѓе кои живееле таму, сакале да стапат во контакт со некои свои роднини и да им испратат нешто. На војниците можеби тоа им изгледало и напорно, досадно, или можеби не ја разбрале ситуацијата“, порача Авдиќ, кој поседува четири писма од две семејства што живееле во близина на базата во Поточари.
Тој нагласи дека од писмата може да се заклучи дека луѓето од Сребреница, во 1994, сепак, не ја губеле надежта.
- Холандскиот војник две децении ги чувал писмата и снимките -
„Напишале: Еден ден кога ќе се сретнеме, ќе го направиме тоа и тоа. Се надевам дека ќе помине оваа ситуација во градот со многу луѓе, а малку простор. Се надевале дека еден ден тоа ќе престане и луѓето ќе можат да се сретнат“, појасни Авдиќ.
Останува анонимен идентитетот на холандскиот војник кој 20 години ги чувал овие писма и видеоснимки.
„Тој рече дека ги сочувал со надеж дека еден ден ќе ги пронајде луѓето, и писмата и видеокасетите ќе бидат една убав спомен, бидејќи можеби некои од луѓето на тие снимки повеќе не се живи“, истакна Авдиќ, кој додаде дека писмата и снимките ќе бидат кај него сѐ додека не се јават некои луѓе што можеби се препознаваат во писмата или да се јави некој музеј што би сакал да ги поседува овие спомени на некои сребреничани од тешкиот период на 90-тите години во тој дел од светот.
Илјадници сребреничани, меѓу кои имало и жени и деца, тој јули 1995 година тргнаа на „патот на спасот или смртта“. Многумина се убиени во шумите околу Сребреница, но има и такви кои успеаја да стигнат до слободната територија во Незук.
Во Меморијалниот центар Поточари, на 11. јули ќе биде одржана молитва и ќе бидат погребани посмртните остатоци од десетици нови идентификувани жртви од геноцидот што во јули 1995 година го изврши војската и полицијата на РС, како и паравоените формации од РС и Србија над Бошњаците во „заштитената зона на ОН“.