Admir Fazlagic
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Четири нови земјотреси од кои најсилниот со јачина од 3,8 степени по Рихер се регистрирани ноќеска во охридското епицентрално подрачје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Утринава е почувствуван најсилниот од четирите земјотреси на длабочина од 1 километар.
По полноќ е регистриран земјотрес со магнитуда од 3 степени на кој му претходеа два потреса со јачина од 3,2 степена и од 3,1 степен.
- Воениот камп во Охрид ги отвора вратите за граѓаните вознемирени од серијата земјотреси
Министерството за одбрана на Република Македонија ги понуди капацитетите на воениот камп „Васко Карангелески“ во Свети Наум, Охрид, за сместување на граѓаните вознемирени од серијата земјотреси што го зафатија градот и околината во последните две недели.
„Министерката Радмила Шекеринска на овој начин одговори на повиците на граѓаните упатени до неа преку социјалните мрежи, да се отворат вратите на воениот камп, бидејќи таму граѓаните би се чувствувале побезбедни", соопштуваат од ресорното министерство.
Исто така, Министерството за одбрана ги известува граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп додека земјата во Охрид не се смири, дека вратите на кампот се отворени.
Инаку, од 18 јуни до денеска во охридскиот регион се регистрирани над 1.000 земјотреси. Најсилниот беше завчера во пладневните часови, со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика вознемиреност кај жителите и туристите, а пријавени се и помали материјални штети.