Besar Ademi
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија (ЦИК) на Република Косово досега објави 42,81 отсто од првичните резултати од предвремените парламентарни избори кои се одржаа денеска, јавува Anadolu Agency (AA).
Вкупниот број на регистрирани гласачи изнесува 1.872.941, а според последниот извештај на ЦИК, право на глас искористија 759.904 граѓани. ЦИК информираше дека досега 275.345 гласачки ливчиња се избројени, од кои 19.886 беа прогласени за неважечки.
Според досега изброените гласови кои се менуваат речиси секоја минута, коалицијата ПДК-ААК-НИСМА, чиишто кандидат за премиер е Рамуш Харадинај е на прво место со 37,02 проценти или 101.916 гласови.
Втора е коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива со кандидат за премиер Авдулах Хоти, со 24,32 отсто од гласовите, или 66.945 гласови, додека на трето место е Движењето Самоопределување, предводено од Албин Курти, кое според досегашните резултати има 22,35 отсто од гласовите или 61.512 гласови.
Во меѓувреме, поддржувачи на коалицијата ПДК-ААК-НИСМА се собраа на плоштадот „Скендербег”, на повик на лидерите на оваа коалиција. Од друга страна, пак, Движењето Самоопределување организира прослава на плоштадот „Захир Пајазити”, за да ја прослават, според нив, „големата победа”.
Инаку, на предвремените парламентарни избори во Косово учествуваат 26 политички субјекти: 19 политички партии, пет коалиции и две инициативи со вкупно 971 кандидати. Секој граѓанин со право на глас може да гласа за еден политички субјект и пет негови кандидати, во вкупно 889 избирачки центри со 2.490 избирачки места низ цело Косово.