ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, на почетокот на овој месец иницираше предлог-закон за трансформација на Безбедносните сили на Косово (БСК), со кој тие сили би добиле мандат на војска. Предлог-законот доби поддршка од страна на Претседателството на Собранието на Косово и е доставен до Владата, која би требало по разгледувањето да го врати во Собранието на усвојување.
Иницијативата на Тачи уследи по неможноста во Собранието на Косово, поради противењето на српските пратеници, да ги изгласа уставните измени. Но, трансформацијата на БСК со промена на законот не го поддржуваат меѓународните партнери на Косово, НАТО и Соединетите Американски Држави, а и косовскиот премиер Иса Мустафа истакна дека измената на законот може да се направи само со одобрение на стратешките партнери.
Бурим Рамадани, извршен директор на Истражувачкиот центар за безбедносна политика (SPRC), во изјава за Anadolu Agency (АА) истакнува дека на иницијативата на косовоскиот претседател Тачи е во рамките на неговите уставни овластувања. Но, додава дека трансформацијата на БСК во војска преку законот бара координација со воените партнери, особено со САД и НАТО, бидејќи Косово тежнее за членство во НАТО и воените капацитети на Косово мора да добијат поддршка од НАТО.
- Поддршката на меѓународните партнери од стратешка важност -
„Што се однесува до можноста за понатамошно процесуирање на овој закон, верувам дека тоа во целост зависи од расположението или можната поддршка на меѓународните стратешки партнери. Ако наскоро не се добие оваа поддршка, тогаш нацрт-законот нема да биде брзо процесуиран“, рече Рамадани.
Поддршката на стратешките партнери, како што истакна Рамадани, е од пресудна важност, пред сè, бидејќи и прогласувањето на независноста на Косово било во координација со нив, како и поради тоа што НАТО, кое според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година ја предводи мировната мисија во Косово (КФОР), работеше на градење на капацитетите на БСК во рамките на неговиот постоечки мандат.
„Јас верувам дека ова е еден вид на многу директен притисок на косовските институции во однос на барањето на меѓународните партнери да му помогнат на Косово да ги убеди српските пратеници од Косово да гласаат за промена на Уставот. Напорите на институциите треба да се движат во тој правец. За жал, по иницијативата на претседателот Тачи трансформацијата да се изврши со промена на законот, немаше координација меѓу косовските институции“, истакна Рамадани.
Тој смета дека на Косово му е потребна заедничка национална платформа на сите релевантни институции, на граѓанското општество, експертите и косовските дипломати со цел Косово да им аргументира на САД и на НАТО дека гласот на српските пратеници за измена на Уставот директно зависи од Белград и тие да влијаат на Белград, дали преку Брисел, или преку директен билатерален или мултилатерален пат.
„Јас лично верувам, што поскоро Србија сфати дека формирањето на косовската војска нема врска со Србија, толку полесно ќе го прифати тој процес“, смета Рамадани.
Риза Смака, професор по уставно право, смета дека трансформацијата на БСК во војска треба да се изврши преку измена на уставот на Косово.
„Во согласност со косовскиот Устав тоа би требало тоа да се модифицира со амандман и да се создаде уставна основа за трансформација на БСК во војска на Косово. Инаку, одредбата на член 126 од Уставот, па одредбата 5, гласи дека организација се уредува со закон. Во случај на внатрешна организација, реорганизација, тоа е прашање на правото, но во случај да станува збор за супстанцијална трансформација, тогаш кај експертите спорен е еден збор, а тоа е 'одбрана, бидејќи зборот 'одбрана' ја менува улогата на БСК“, објаснува Смака.
Според него, подобро би било да се постигне политички договор со Српската листа, отколку трансформацијата на мандатот да се спроведе преку промена на законот.
„Таа војска нема да биде албанска војска, ниту српска, туку на сите нас, на сите граѓани, а едно стабилно Косово е во интерес и на Србија, и обратно, нестабилно Косово не е во интерес ниту на Србија, ниту на која било соседна држава“, оценува Смака.
Со нацрт-законот, во кој Anadolu Agency имаше увид, безбедносните сили по трансформацијата би добиле мандат да го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет, имотот и граѓаните на Република Косово, како и да придонесат за градење и одржување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Безбедносните сили на Косово треба да бидат мултиетнички, професионални и вооружени сили.
- Граѓаните не би имале обврска да служат воен рок -
Ова значи дека, појаснува Бурим Рамадани, граѓаните на Косово нема да бидат обврзани да служат воен рок.
Тој наведува дека законот има неколку многу добри елементи, како што е на пример членот 16, кој ја одредува демократската цивилна контрола над вооружените сили, т.е трансформираните БСК. Исто така, БСК, не само според законот, туку и според уставот, треба да ја одржуваат етничката разновидност на населението во Косово.
Тоа значи, истакна Рамадани, дека во БСК треба да има околу 10 отсто Срби и околу 5 отсто од другите немнозински заедници, што во моментов не е случај, бидејќи има околу 7,2 отсто од припадниците на немнозинските заедници, од кои околу 2 отсто Срби.
Што се однесува до вооружувањето, како што истакна тој, БСК има лесно вооружување во рамките на постоечкиот мандат, поточно за случаи на деминирање, помагање на цивилните власти и за итни случаеви, како и за потрага и спасување, додека предложениот нацрт-закон не прецизира во целост какво наоружување ќе има.
БСК моментално брои 2.500 активни припадници и 800 во резерва, додека според предложениот нацрт-закон, по трансформацијата, БСК би имале 5.000 активни и 3.000 резервни војници.