Ekipa
26 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
СОФИЈА (АА) - Затворени се гласачките места на предвремените парламентарни избори во Бугарија, а првите анкети покажуваат дека во водство е партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, Граѓани за развој на европска Бугарија (ГЕРБ), јавува Anadolu Agency (AA).
Во сенка на дебатата за корупцијата, социјалната неправда, популизмот и ксенофобијата во Бугарија денес се одржаа предвремени парламентарни избори во кои за вкупно 240 места во Парламентот се натпреваруваа 13 политички партии, девет коалиции и 21 независен кандидат.
Излезните анкети на агенцијата „Галуп Интернешнал“ покажуваат дека ГЕРБ освоил 33 отсто од гласовите, а следат Социјалистите со 28 отсто од гласовите.
Коалцијата „Обединети патриоти“, која според првите резултати има околу осум отсто од гласовите, би можела да има клучна улога. Коалицијата е позната по популистичката политика, антиисламизот и ксенофобијата.
Анкетите покажуваат дека 8 отсто од гласовите освоило „Движењето за правата и слободите“ (НОН) кое во најголем дел се состои од Турци. Партијата, која беше трета по големина политичка сила на минатите парламентарни избори, оваа година има многу помалку гласови. Освен тоа, наиде на критики од страна на многу муслимани и Турци бидејќи на нивната листа се наоѓаат поранешни претставници на партијата АТАКА, позната по антиисламизмот.
Централната изборна комисија официјалните резултати од изборите би требало да ги објави во рок од три дена.
По објавувањето на резултатите се очекуваат преговори за формирање на влада, а претседателот на земјата ќе се состане со политичките струји кои имаат свои претставници во парламентот.
Централната изборна комисија на Бугарија вчера, ден пред изборите, донесе одлука според која сите бугарски гласачи во земјите кои не се членки на Европската Унија мора своерачно пред гласањето да напишат молба со кирилско писмо. Оваа мерка веќе го забави изборниот процес, а особено на избирачките места во соседна Турција. Мерката предизвика негодување кај дијаспората која на досегашните избори само пополнуваше краток формулар, а на бирачите кои не знаеја кирилица им помагаа редари од изборните места. Овој пат на избирачките места немаше редари.